Friday, Mar 29, 2024
HomeГИГА БАЈТИнтервју Лазаревски: ИКТ компаниите ги ставија ресурсите на располагање, кризата ќе ја надминеме со долгорочна стратегија

Интервју Лазаревски: ИКТ компаниите ги ставија ресурсите на располагање, кризата ќе ја надминеме со долгорочна стратегија

ИКТ секторот во Северна Македонија презеде повеќе иницијативи за поддршка на бизнисот и граѓаните преку бесплатни дигитални алатки и зазеде сериозна позиција кога е во прашање забрзувањето на дигитализацијата на општеството. Ова е од особена важност во ек на пандемија со КОВИД-19, намалена економска активност, потреба за работа од дома и од далечина, како и зголемена побарувачка на електронски услуги и примена на модели на е-трговија. За состојбите и предизвиците со кои се соочува македонската ИКТ индустрија разговаравме со Зоран Лазаревски член на Управниот одбор на Стопанска комора за информатички и комуникациски услуги МАСИТ. Лазаревски вели дека ИКТ секторот го издржа првичниот налет и дека не беше така драматично погоден како останатите сектори, заради својата флексибилност и инвентивност. Покрај справувањето со актуелните проблеми треба да се размислува и на долг рок за излез од кризата и преземање на чекори кои ќе овозможат поголем раст.

Разговараше: Христијан Станоевиќ, ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал

Извор: biznisregulativa.mk

БизнисРегулатива: Како ИКТ индустријата се справува со последиците од КОВИД-19 пандемијата. Се наметна употребата на дигитални алатки за онлајн конференциски повици и состаноци. Што велат вашите информации, тешко ли беше да се координира процесот на прилагодување, колку тоа влијаеше на продуктивноста на компаниите и колку членките на МАСИТ дадоа свој придонес?

Лазаревски: Имајќи ја во предвид брзината со која се наметна ново настанатата реалност во секојдневното живеење и работење,детерминирана од КОВИД-19 пандемијата и нејзиното влијание на целокупното функционирање на општесвото воопшто, може да се изведе генерален заклучок дека, најголем дел од ИКТ компаниите релативно брзо и лесно се прилагодија на последиците од пандемијата, особено во делот на употреба на дигитални алатки во нивното секојдневно работење. Тука треба да се посочи фактот дека најголем дел од компаниите од ИКТ заедницата веќе го имаа имплементирано користењето на дигиталните алатки во своето работење, така што не представуваше посериозен предизвик да го  “прошират“ опсегот на користење на дигиталните алатки во еден ваков специфичен период по повеќе основи.

Секако, дека во зависност од природата и видот на работата, процесот на прилагодување со себе донесе и одредени предизвици во делот на одржување на продуктивноста, начинот на ангажирање на вработените, комуникацијата со корисниците и сл., но земајќи ја во предвид агилноста и мобилноста на ИКТ секторот може да се каже дека засега последиците се на релативно ниско ниво, особено доколку се направи споредба со другите сектори кои навистина имаа и сеуште имаат значителен застој во работењето.

БизнисРегулатива: Каков беше предизвикот на ИКТ компаниите да се прилагодат на специфичните потреби кои се појавија кај нивните клиенти во изминатиот период и колку агилноста е клучна за одржување на една компанија на здрави нозе, особено што за ваков вид на криза претходно не постоеја протоколи и подготвени сценарија?

ЛазаревскиДа. Предизвикот беше исклучително голем, особено што се соочивме со ситуација за која како што рековте немаше подготвено “ план Б “, односно се соочивме со ситуација за која протоколите и сценаријата мораше да се прават во чекор со новонастанатата ситуација која покрај пандемијата беше детерминирана и од уредбите донесени во време на вонредната состојба, а беа насочени кон борбата против КОВИД-19 пандемијата и зачувување на здравјето на граѓаните, но во основа истите беа мошне рестриктивни што само по себе допнлнително го усложнуваше работењето на компаниите во ИКТ секторот.

Соочени со новонастанатата ситуација голем број од компаниите мораа да превземат брзи мерки за прилагодување и да направат план за функционирање во наредниот период. Во тие услови, најголем број од компаниите пристапија кон организирање на дел од вработените за работа од дома. ИКТ секторот покажува висока мобилност и флексибилност за работа од дома. Ова може да се поткрепи со податокот дека 62% од компаниите се во можност целосно да го прилагодат своето работење независно од работниот простор, а 37% делумно. Чести мерки на прилагодување на кризата кај ИКТ компаниите се и намалување на работното време, прилагодување и подобрување на санитарно техничките услови за работење. Но од друга страна, застапени се и мерките за стопирање на исплатата на награди и бонуси, намалување на месечните примања на вработените,неисплата на дивиденда и сл.

БизнисРегулатива: Во изминатиот период се актуелизираше работата од дома и работата од далечина што за ИКТ секторот долго време е тренд кој беше промовиран, но во текот на карантинот беше неизбежен. Какви се вашите ставови за овој начин на организација на работата, треба ли подобро да се регулира и да се користи како модел и кога нема вонредна состојба?

ЛазаревскиИ покрај фактот дека ваквиот начин на работење се повеќе се промовира и делумно се применува, би се осмелил да констатирам дека во овој ткн. пандемиски период, ИКТ компниите во извесна смисла “открија“ дека можат и тоа како добро да функционираат од дома односно далечински, а истовремено нивната ефикаснот да не претрпи поголеми нарушувања. Секако дека треба да се напомене дека за дел од услугите кои ги даваат ИКТ компаниите овој метод на работа не еприменлив бидејќи поради спецификата на корисниците и видот на услугите едноставно присуството на терен и директниот контакт со корисникот едноставно не можат да бидат супституирани со овој начин на работење.

Темата за работа од дома или работа од далечина е тема која и претходно од страна на МАСИТ, како репрезентативен представник на ИКТ индустријата, беше активно дискутирана со сите засегнати чинители и во наредниот период ќе се актуелизира уште повеќе бидејќи таквиот начин на работење нужно се наметнува како наша нова реалност и треба што е можно поскоро да се регулира во делот на легислативата. Во таа насока, ние како МАСИТ, сметаме дека се потребни измени на законската регулатива во делот на максимизирање на слободата на склучување на договорите за вработување во насока на спогодбено флексибилно договарање на работните обврски, работните места и задачи како и начинот на ангажирање.

БизнисРегулатива: Платите и бројот на вработени генерално во ИКТ индустријата не беа силно погодени како останатите сектори, барем не во овој првичен бран на кризата. Кои може да бидат последиците врз ИКТ секторот, дали постои загриженост за наплатата на побарувањата кон клиентите како од земјава така и од странство, како и во динамиката на склучување на нови договори во следниот период?

ЛазаревскиВо право сте кога констатирате дека ИКТ секторот го издржа првичниот налет и дека не беше така драматично погоден како останатите сектори, токму заради својата агилност, флексибилност, мобилност па ако сакате и инвентивност. Во таа насока како аргумент може да послужи дека до сега компаниите од ИКТ секторот воопшто не побараа субвенционирање од страна на државата за да го оддржат сопственото функционирање во едни вака сложени услови. Напротив, ги понудија своите целокупни ресурси за да и помогнат на државата во успешното справување во борбата за ставање под контрола и сузбивање  на пандемијата.

Но, треба да се има во предвид  дека ИКТ секторот како дел од економскиот амбиент е зависен од другите стопански гранки, дека компаниите не функционираат изолирано од економското опкружување и прашање на време е кога сериозно ќе ги почуствуваат последиците од урушувањето на економскиот амбиент во државата предизвикано од пандемијата. Реално постои голема загриженост кај компаниите во ИКТ секторот како ќе се одвиваат работите во наредниот период особено кај оние компании каде што испораката на хардверската опрема и компоненти завзема значителен дел од нивното портфолио.

Во тој дел компаниите се 100% увозно зависни, а веќе и на глобалниот пазар се чувствува дека производството на ваквиот тип на опрема е нарушен односно побарувачката е зголемена. Како пример може да послужи податокот дека ако пред пандемијата вообичаениот рок на испорака на хардверската опрема беше 25 до 30 дена, сега во време на пандемија тој изнесува помеѓу 60 до 90 дена со тенденција на зголемување на роковите за испорака, што директно влијае на ефикасното работење на компаниите и благовремено извршување на нивните обврски.

Во таа смисла можам да ви ги презентирам податоците со кои располагаме во МАСИТ, а се врз база на неодамнешната Студија за ефектите врз ИКТ индустријата предизвикана од Ковид -19. Во таа Студија компаниите се изјаснуваат дека откажувањето на нарачките кое е последица на COVID 19 има најголемо негативно влијание врз нивното работење, каде над 35% се високо засегнати, а 38% делумно засегнати од откажување нарачки. Тешкотиите со наплата на побарувањата исто така имаат последици на работењето на компаниите, со тоа што 32% се изјасниле дека имаат големо влијание, додека 43% се делумно погодени. Релативно високо влијание врз компаниите имаат и намалената ликвидност, како и падот на продуктивноста на работењето, каде 41% и 40% соодветно одговориле дека имаат делумно влијание на истите. Од аспект на логистиката и дистрибуцијата, голем дел од компаниите се погодени до некој степен, иако 32% сметаат дека немаат влијание на овие процеси, додека од аспект на административното работење, т.е. обезбедувањето на документи од државните институции, поголем дел од компаниите велат дека се делумно погодени (46%).

БизнисРегулатива: ИКТ секторот покажа солидарност, инвентивност и подготвеност да ги предводи процесите на дигитална трансформација која пак токму сега во време на криза се покажа како неопходна и неизбежна. Кои чекори треба да се преземат понатаму?

ЛазаревскиПред малку напоменав дека компаниите во ИКТ секторот преку донации ги ставија на располагање своите целокупни реурси за потребите на државата и нејзините институции таму каде што тоа беше побарано и потребно. Во таа смисла со имплементација на високо професионални решенија за контакт со граѓаните и правните лица се подигна нивото на комуникација и информираност помеѓу институциите на државата и правните лица и граѓаните од друга страна. Ова е особено важно ако се има во предвид дека бевме во самиот почеток на периодот на вонредна состојба со ограничени можности за движење, се носеа уредби во многу краток период кој практично го видоимзенуваа целокупниот амбиент во државата и практично мораше да се обезбеди граѓаните и правните лица да дојдат до потребната информација, а притоа да не се изложат на опасност по нивното здравје. Понатаму беа донирани аликации кои помагаа во следењето на пандемијата, големите телеком оператори ги проширија своите капацитети за пристап до интернет за да може институциите, правните лица и граѓаните непречено да функционираат бидејќи работењето и функционирањето на далечина се случи практично во еден миг.

Практично тоа беше едно “дигитално цунами”, ако може така да се изразам каде што компаниите од ИКТ секторот неверојатно брзо и соодветно реагираа и покажаа висок степен на општествена одговорност во еден така тежок период за нашето општество.

Што понатаму? Па сигурно е едно, треба во најкус можен перод да се направи акциски план: да се сублимираат позитивните и негативните искуства, да се извлечат заклучоци од овој краток период (сепак зборуваме за период од 3 до 4 месеци) , да се лоцираат приоритетните области/дејности особено таму каде што имаме недоволен процес на дигитализација.

На пр. за околу месец и половина отпочнува школската година, ние како општество треба да имаме концепт како ќе се одвива наставата, кои дигитални платформи ќе се користат, кои дигитални алатки можат да им помогнат на наставнците и професорите во изведувањето на наставата, како може да се обезбеди достапност на интернетот во за сега недостапни средини за да може да се изведува наставата и сл. Овој период на пандемија имаше и своја “добра страна”, бидејќи во голема мерка ни покажа дека со реалните предизвици можеме да се носиме и дека можеме рекативно брзо да се трансформираме.

Но, за вакво нешто е потребна добра организација, желба и учество на сите валидни чинители како надлежните  министерства, стопанските комори, правните субјекти…Едно е сигурно. Доволно време на располагање немаме.

Понатаму, во тек е расправата за предлог документот за долгорочната ИКТ стратегија на Република Северна Македонија за период 2020 – 2025. Во тој документ треба да се содржани идната насока/и во која/и треба да се движи нашето општесво во делот на дигиталната трансформација, дефинирање на приоритетите, главните носители на таа стратегија, планирањето на потребните човечки ресурси за реализација на стратегијата, временска рамка во која се планира да се реализиират одредени активности и др.

На тој начин ќе се влијае на прилагодувањето кон новата реалност или нормалност и начинот на живеење и работење.

Исто така треба внимателно да се разгледа законската регулатива за јавно приватно партнерство, бидејќи во овој сегмент ИКТ компаниите во конзорциуми или поединечно можат да дадат значаен допринос во забрзувањето на дигиталната трансформација на општеството.

Во овој контекст институците на државата треба похрабро да влезат во активна соработка со компаниите од ИКТ секторот во делот на изготвување на проекти и нивна реализација кога станува збор за проекти финансирани од институции како што се: ЕУ, USAID, Светска Банка, Европска Банка за поддршка и развој и сл.

Ваквата соработка сосем сигурно ќе има позитивни ефекти за нашата економија и државата воопшто.

БизнисРегулатива: Кои мерки според вас треба да се применат на долг рок за справување со економската криза предизвикана од КОВИД-19?

Лазаревски1. Поддршка за иновативни проекти за олеснет настап на странски пазари / извоз на услуги.

  1. Електронска документација – физичкиот пренос на хартија би се претворил во движење низ виртуелниот простор со примена на софистицирани информациски системи, во комуникацијата на сите засегнати страни во стопанството.
  2. Зголемување на конкурентноста за вработување на работна сила во однос на неформалните работодавачи од странство.
  3. Условно субвенционирање на нови вработувања
  4. Поддршка на преквалификацијата на кадри во насока на креирање на поголем потенцијал на ИКТ секторот.
  5. Намалување на даночно оптоварување за давањата кон вработените.
  6. Создавање на формална основа за организирање работа од дома и имплементирање каде што е тоа можно.