Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаАкционерите на Скопски пазар изненадени од предлог одлуката да се вложи во инвестициски фондови

Акционерите на Скопски пазар изненадени од предлог одлуката да се вложи во инвестициски фондови

Раководството на Скопски пазар предлага на претстојното акционерско Собрание на фирмата да биде усвоена одлука со која 15 милиони денари (околу 245.000 евра) од ланската акумулирана добивка да се префрлат во инвестициски фондови.

Дел од вработените и акционерите на СП се изненадени од овој предлог и велат дека на Собранието, закажано за 11 јуни, ќе бараат објаснување. Тие велат дека вложувањето средства во инвестициски фондови има логика само ако фирмата има вишок на средства. Но, во сегашната ситуација во СП, кога компанијата има милионски долгови, а во исто време започна со обновата на Бит-пазар, многу пологично е, кога веќе се вложува, парите да одат во овој проект, велат акционерите.

На барање на компанијата Современ дом, која е најголемиот поединечен акционер во Скопски пазар, на дневниот ред на претстојното акционерско собрание, поставена е и контра-одлука за вложување на 15-те милиони денари во проектот Бит-пазар, па за тоа каде ќе бидат вложени овие пари, ќе одлучат акционерите со гласање.  

За потсетување, директорите на Скопски пазар во изминатите години повеќепати преземале чекори и одлуки кои тешко може да се наречат домаќинско работење.

Минатиот месец, членови на управните органи на СП се најдоа и на суд поради спорни одлуки за купување сопствени акции во 2006 и 2007 година, кои веднаш потоа ги поништувале. Со оглед на тоа што ваквите потези резултирале со зголемување на процентуалниот удел на самите директори во сопственичката структура на фирмата, директорите, а меѓу нив и првиот човек на СП Сашо Давитковски, се обвинети дека го оштетиле Скопски пазар за своја лична корист. Судењето за овој случај треба да започне наскоро, а доколку бидат прогласени за виновни, на директорите им се закануваат затворски казни и конфискација на имот.  

Но, ова не е единствената спорна одлука на раководството на СП. Лани, директорите  одлучија да го напуштат бизнисот со супермаркети, во кои компанијата создаваше бренд повеќе од 50 години, и почнаа да ги издаваат и продаваат некои од најатрактивните недвижнини на Скопски пазар. Како што покажуваат документи на компанијата, во дел од тие продажби, директорите се сложиле имотот да се продаде и по три и пол пати пониска цена од пазарната, што предизвика нови реакции кај акционерите и сомнежи за домаќинското работење на раководството на СП.