Родителите на децата со посебни потреби организираат хепенинг „Можеме! Знаеме! Умееме!“
Граѓанската иницијатива „Пет до 12“ на родителите на децата со посебни потреби в сабота од 18 часот пред Собранието на Република Македонија организира мултимедијален инклузивен хепенинг „Можеме! Знаеме! Умееме!“.
Зоран Мијалков од граѓанската иницијатива на денешната прес-конференција рече дека она што го организираат е потврда на нивните изјави дека по формирањето на новата Влада ќе организираат настан на кој ќе ги објават барањата за интервенции во постоечките закони и носење на нови закони за подобрување на животот на лицата со посебни потреби.
– На овој настан ќе ги покажиме и нашите шампиони, ќе видите деца од параолимписките игри со медали. Освен нашиот Вардар ќе покажиме дека и Македонија има и други шампиони, кои исто треба да се пречекаат, како што им доликува. Ќе имаме поддршка од јавни личности, од пејачи, актери од сојузи од Македонија – рече Мијалков.
Тој ги повика новите министри и 120 пратеници да дојдат на мултимедијалниот инклузивен хепенинг и да поразговараат за отпочнување на законските измени коишто ги бараат за подобри испитувања, терапии, услови за живот на нивните деца и згрижување на возрасните лица со посебни потреби по смртта на нивните родители.
Мијалков вели дека веќе за во петок имаат најава оти ќе имаат средба со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на која ќе ги презентираат нивните барања.