Wednesday, Feb 28, 2024
HomeАЈНШТАЈНИЈАЗошто либерализацијата на енергетскиот пазар е лоша идеја?

Зошто либерализацијата на енергетскиот пазар е лоша идеја?

Енергијата е клучна точка во справувањето со климатската криза, особено видот на енергија што ја користиме за да ги напојуваме нашите домови и заедници. Зборуваме за премин од користење на валкани фосилни горива на користење чиста обновлива енергија, но дискусијата не треба да застане овде. Мораме исто така да размислуваме и за сопствеништвото врз производството и дистрибуцијата на енергија. Потребна ни е енергетска демократија; јавно поседувани и управувани енергетски системи кои работат во интерес на заедниците во кои служат, наместо на создавање профит за акционерите.

Во последните неколку децении има промена во начинот на кој работи нашето снабдување и дистрибуција на енергија. Европската Унија интензивно наметнува либерализација на секторот. Ова значи ослободување на енергетскиот сектор од владина контрола и отворање на истиот за пазарот и приватна сопственост. Европската Комисија веруваше дека тоа ќе ја зголеми продуктивноста и ќе ги намали цените благодарение на воведувањето на конкуренцијата.

Од 1998 година, земјите-членки на ЕУ мораат „да ги разделат и да ги либерализираат своите пазари и трговија на големо и мало“. Пред ова, постоеја голем број видови на енергетски системи низ целиот континент. Земјите како Велика Британија, Италија, Франција и Грција имаа државни субјекти кои контролираа сè, од производство на енергија до пренос, дистрибуција и малопродажба. Во други земји, овие дејности беа поделени. Во нордиските земји и источна Европа (вклучително и Југославија), големите државни компании за производство и пренос кои беа во државна сопственост, хранеа голем број на локални и јавни компании кои работеа со дистрибуција и малопродажба.

И покрај ветувањата за поголема ефикасност и пониски цени, истражувањата покажуваат дека либерализацијата и приватизацијата на енергетскиот сектор имаат спротивен ефект.

Зошто либерализацијата е лоша идеја

Со ослободувањето на енергетскиот сектор и неговото отворање за пазарот, се смени целиот етос на овој сектор. Снабдувачите на енергија кои претходно беа субјекти со цел обезбедување на многу значајна услуга за јавноста, сега се претворени во приватни субјекти фокусирани на профитот пред сè. Ова е проблематично од бројни причини.

Како прво, со ова цените на електричната енергија и гасот се зголемија за потрошувачите низ целиот континент што е објаснето во студии кои ја поврзуваат либерализацијата на секторот со загрижувачкото зголемување на енергетската сиромаштија. Во источна Европа овој проблем е исклучително присутен. Друга студија од 2011-та година откри дека приватизацијата доведува до зголемено незадоволство кај корисниците од индустријата.

Енергетските услуги во приватна сопственост се исто така многу неповолни за работниците. Со процесот на либерализација во ЕУ, меѓу третина и четвртина од работните места во секторот електрична енергија во ЕУ-15 згаснаа во периодот помеѓу 1995-та и 2004-та година. Ова во главно се случи со технички квалификуваните работници чија експертиза честопати беше префрлена на поевтина работна сила.

За крај, либерализацијата на енергетскиот сектор и оставање на истиот во рацете на приватните корпорации наместо во јавна сопственост, го доведува овој сектор во многу послаба позиција за решавање на климатската криза. Нашите економии, особено нашиот енергетски сектор треба да се декарбонизира, значи дека треба да се оддалечиме од валканата енергија базирана на екстракција и горење на фосилни горива. Бидејќи секторот падна во рацете на слободниот пазар, многу помали компании беа преземени од поголеми компании или беа споени. Во моментов, најголем дел од производството на енергија во ЕУ е во сопственост на мал број на компании познати како „големата петорка“: EDF, RWE, E.ON, ENGIE и ENEL. Компании како овие имаат огромен придонес кон предизвикување и влошување на климатската криза. Тие се големи емитувачи на стакленички гасови и се фокусираат на правење на профитабилна енергија на начин кој има смисла за пазарот и профитот на мал број газди/ акционери, а најчесто на штета на луѓето и планетата.

Производството на енергија во Велика Британија беше целосно приватизирано во 1990-та година и претставува пример за тоа како либерализацијата негативно влијае на крајниот корисник. Студија од 2017 година од „Граѓански Совети“ открива дека National Grid (Национална Мрежа), голема компанија што го контролира системот за пренос на електрична енергија во земјата, пријавила големи профитни маржи со просек од околу 19%. Па така, потрошувачите плаќаа за профитот на компанијата и акционерите додека таа наместо да инвестира во проширувањето и сигурноста на енергетскиот систем и мрежата, прикажа високи трошоците од инвестиции (кои всушност ги исплати на директори и акционери) пред регулаторот, објави „Гардијан“. Операторите на дистрибутивната мрежа објавија просечна маргина на профит од над 30% меѓу 2011 и 2017 година плаќајќи половина од тоа (околу 1,1 милијарди евра) на нивните акционери.

Зошто ни треба енергетска демократија

Енергетска демократија се однесува на јавна сопственост и јавно водење на енергетските системи и мрежи со оддалечување од либерализацијата и приватизацијата на секторот. Ова е клучно за изградба на нов, декарбонизиран енергетски систем. Во извештајот за 2019 година, ЕПСУ (European Public Service Unions) ги истакна придобивките од енергетската демократија на следниов начин:

„Наместо да се покачуваат сметките за енергија за исплата на прекумерна дивиденда на акционерите, јавно контролираниот енергетски систем ќе обезбеди вишокот на средства да се реинвестира за подобрување на енергетскиот систем или да се врати на потрошувачите. Владите, исто така, вообичаено можат да позајмуваат по пониски каматни стапки за разлика од приватните инвеститорски компании. Оперирањето во јавен интерес наместо во интерес на акционерите преку јавен систем, може да даде приоритет на развојот на обновливите извори на енергија, глобално покритивање и далеку поголема достапност.“

Добро дизајнираниот и праведно имплементираниот јавен енергетски систем во сопственост на јавноста помага во решавањето на климатската криза и ги штити правата на работниците. На потрошувачите, пак, им дава поголема контрола и моќ врз носењето на одлуки при планирањето и гарантира дека сите сектори во заедниците имаат корист и имаат пристап до енергија, а не само неколку.

Сепак, и покрај тоа што над половина од европските земји имаат јавна сопственост и јавни дистрибутивни мрежи, многу од нив се соочуваат со слични проблеми како и кај приватните системи. Земјите како Унгарија, Латвија и Шведска имаат високо ниво на јавна сопственост на нивните системи за снабдување со енергија, но функционираат како приватни субјекти заради наметнатата либерализација на секторот и потребата да останат конкурентни и профитабилни.

Како всушност изгледа ефективната енергетска демократија? Кон идејата за де-приватизација на енергетскиот сектор обично се пријдува со дилема бидејќи се создаваат слики од големи централизирани национални системи за кои се смета дека се неефикасни и несигурни. Но, не мора да биде така. Постојат бројни примери на општински или локални системи за производство и дистрибуција на енергија кои работат во помал обем. Ваквите системи треба да бидат во демократска сопственост – сопственост на граѓаните, на самите корисници, и да бидат одговорно управувани и одржувани. Треба да се нормализира високото ниво на вклученост на јавноста преку иновативни алатки лесни за користење, како што се онлајн алатките за донесување на одлуки. Robinhood Energy во Нотингем, Велика Британија и Energinet во Данска се два модела кои функционираат на слична идеологија.

Енергетската демократија може да биде во многу форми, но на крајот на денот, мора ги стави управувањето, користењето на средствата и начинот на кој ги напојуваме нашите домови и заедници, во наши раце. Ова е витален чекор кон надминување на климатската криза и кон создавање на праведна иднина.