Tuesday, Sep 28, 2021
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗНМ: Сериозно да се истражи дали МПМ намерно е уништен

ЗНМ: Сериозно да се истражи дали МПМ намерно е уништен

Здружението на новинари на Македонија предводено од Насер Селмани искажа голема загриженост за медиумите од МПМ групацијата за која постои сомнежи дека намерно е уништувана, а притоа служеше и во пропагандни цели на власта во заминување.

„Она што загрижува во случајот со МПМ е тоа што има сериозни индиции дека компанијата свесно се уништува оставајќи без егзистенција стотина фамилии. Менаџментот и сопствениците молчат во врска со информациите во јавноста дека во август 2015, кога на новинарите им се намалувале платите до 20 отсто, на директорката Станисављева ѝ била понудена плата од 25.000 евра“, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

„Медиумскот систем во Македонија е корумпиран, власта во спрега со сопствениците на медиумите ги злоупотребува медиумите, примерот на МПМ е само еден дел од тој мозаик на криминал и корупција што, веројатно, постои и во другите медиуми“, вели Селмани.

Тој во име на Здружението на новинари го осуди однесувањето на менаџментот на МПМ, кој, како што кажа, „не само што не успеа да ја спаси компанијата туку и се обидуваат да ги избегнат законските обврски за компензација на новинарите.“

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници исто така го осуди односот на менаџментот на МПМ со новинарите. Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис, изјави дека мора да се стави крај на уништувањето на економскиот и социјалниот статус на новинарите.

Чаусидис информираше дека ССНМ и ЗНМ се во постапка за кривична пријава против менаџментот на МПМ за склучување договори кои не одат во прилог на новинската агенција и што е директна причина за пропаѓањето на компанијата.

„Информациите за МПМ кои излегоа во јавноста се сериозна индиција која подразбира кривично гонење и ние веќе сме во постапка за кривична пријава за вклучување штетни договори, злоупотреба на службената должност којашто свесно ја однесе фирмата во финансиски тешкотии, ги намали платите на новинарите и на крај дојде до затворање на печатените изданија на весниците и на оставање луѓе без работа,“ вели Чаусидис.

Според неа, злоупотребата на службена должност и свесното носење на фирмата во пропаст е нешто што не е дозволено според закон.