Friday, May 20, 2022
HomeДЕНЕШНАВучкова: Обновлива енергија достапна за сите, за отпорност од енергетски кризи

Вучкова: Обновлива енергија достапна за сите, за отпорност од енергетски кризи

За да се демократизира енергетскиот систем и соларната енергија да биде достапна за секого потребно е поедноставување и олеснување на процедурите, особено за граѓаните како пронсументи производители-потрошувачи и членови на енергетски задруги, а исто така и за малите капацитети.

Ивана Вучкова, програмски координатор во фондацијата Фридрих Еберт од Скопје, во интервју со Изгрејсонце потенцира дека енергетската демократија може да биде одговор на енергетските кризи. Исто така нагласува дека е потребно да се потикне формирање енергетски задруги и поголеми инвестиции во фотоволтаици за обновлива сончева енергија во рацете на граѓаните и приватниот сектор.

Како да се демократизира енергетскиот сектор во Северна Македонија, и што тоа ќе значи за граѓаните?

Ние во фондацијата Фридрих Еберт велиме дека на демократијата и се потребни демократи, а на енергертскиот сектор демократизација. За да се демократизира енергетскиот сектор во Република Северна Македонија потребна ни е праведна енергетска транзиција кон обновливи извори на енергија и тоа на децентрализиран начин кој што ќе овозможи активна улога и учество на сите граѓани дали како пронсументи односно производители-потрошувачи или пак како членови на енергетски задруги. Секако овде не треба да се заборават и малите капацитети во приватна или државна сопственост кои исто така треба да добијат свое место на пазарот.

Кои чекори се неопходни за олеснување на процесот на создавање енергетски задруги и кои се конкретните придобивки од нивното постоење?

Енергетските задруги овозможуваат инклузивност и заедничко носење на одлуките од страна на сите членови на енергетската задруга. Понатаму, тие нудат и бројни економски придобивки како можност за заработка на самите членови, а и евтина и чиста енергија достапна за секого што е од особено значење како за урбаните средини така и за руралните каде што поврзувањето на корисниците со мрежата честопати може да биде тежок, комплексен и скап процес. Дополнително енергетските задруги нудат и низа еколошки придобивки, а само една од нив е чистата животна средина како и здравјето на граѓаните.

Што треба да се преземе за зголемување на искористеноста на обновлите извори на енергија, особено на вложувањата во сончеви колектори и фотоволтаици, како за граѓаните, така и за приватниот сектор?

За да се демократизира енергетскиот систем и за да соларната енергија биде достапна за секого потребно е поедноставување и олеснување на процедурите, особено за граѓаните како пронсументи производители-потрошувачи и членови на енергетски задруги, а исто така и за малите капацитети.

Колку енергетската транзиција спроведена на праведен начин може да одговори на енергетската сиромаштија и колку актуелната енергетска криза е под влијание на овие состојби.

Како држава чии домашни капацитети не можат да одговорат на потребите на домашната потрошувачка на електрична енергија, дополнително со климатските промени кои што ги ограничуваат водните ресурси со кои што располагаме во последните неколку години, нормално е да бидеме под влијание на надворешните случувања на меѓународните пазари како и на политичката стабилност или нестабилност во земјите извознички на електрична енергија или на енергенси од кои што се произведува. Затоа праведната енергетската транзиција и овозможување на поголемо вложување во соларна и ветерна енергија особено од мал обем, ќе придонесе за поголема отпорност на нашиот енергетски систем, а со тоа и на помали влијанија во иднина од енергетски кризи како оваа што ја искусивме минатата зима.