Wednesday, Sep 28, 2022
HomeДЕНЕШНАЕкономијаПрогласени победничките зелени идеи за 2022 базирани на циркуларната економија

Прогласени победничките зелени идеи за 2022 базирани на циркуларната економија

„АРНО“ ги прогласи победниците од натпреварот „Зелени идеи“ 2022 кој се одржа во Центарот за социјални претпријатија во Скопје. Жири комисијата на натпреварот во категорија ембрионски идеи ги избра идеите „Пели“ на Јана Ангеловска и „Од загадувач до разубавувач“ на Гоце Стевановски, додека во категорија зелени концепти победничка е идејата „Инсект пилот соба“ на Александар Каравилоски од Ве дог фуд-Прилеп. Интересно за годинешниот натпревар е што сите идеи во бизнис моделот го имаат принципот на циркуларност, односно го користат  отпадот (пелени, картон, зеленчук/отпад од фарми) во процесот на ново производство. 

На натпреварот пристигнаа 20 апликации, од кои 10 се натпреваруваа во  македонското финале. Жирито кое ги оценуваше пристигнатите апликации беше во состав на експерти од различни полиња и институции: Дурим Зеќири од Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, Игор Изотов – Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), Робертина Брајаноска од Македонско еколошко друштво (МЕД), Данчо Димков од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг-МКА2000, Воислав Илиевски од „Македонија 2025“. За националните победници партнерите повторно обезбедија поддршка: вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“, бесплатна регистрација на платформата Connect2MK и менторски услуги и/или учество во програма CESO SACO на „Македонија 2025“  и бесплатно двегодишно членство во Стопанска комора на Северо-западна Македонија. Поучени од потребата за дигитализација и поради предизвици со набавките, АРНО годинава на победниците им додели 3 преносни компјутери.

„ Стравот и очекувањата од пандемијата дека нема да имаме многу апликации, нажалост, се остварија годинава. Претпоставуваме дека сите светски случувања, нестабилниот пазар, неизвесноста, си го направија своето. Ама она што не’ радува е фактот што годинава забележуваме дека циркуларната економија е се поблиску до македонските претприемачи и што во финале имавме многу солидни идеи (квалитет наспроти квантитет). Од отпад до производ е фасцинантен концепт кој мора да наиде на слух и поддршка во  општеството, ако сакаме да сме во тек со економските трансформации и ако сакаме да си го олесниме патот понатаму. Еколошки колапс= социјален колапс, тоа ни е познато во равенката, е сега, останува задачата да решаваме заедно како да креираме и поддржуваме економија добра за човекот и природата   “ –  изјави Ирина Јаневска од  АРНО.

„ ПЕЛИ е зелена идеја фокусирана на отпадот од пелени која има три сегменти: Подигнување на општествена одговорност за почиста животна средина преку блогови и едукативни кампањи. Поттикнување на родителите за примарно селектирање на отпад од пелени кој во моментов завршува на депониите и намалување на притисокот врз користење на нови ресурси. Имплементација и развој на циркуларна економија преку развој на технологија за реупотреба на отпадот и добивање на нов еко продукт. “ – Јана Ангеловска, победник во категорија ембрионски идеи со идејата „Пели“.

„ Нашата идеја е да го искористиме  огромниот потенцијал на инсектите за доброто на глобалното население и да дадеме придонес  во протеинскиот предизвик 2040, да ги задоволиме потребите на протеин на начин што е достапен, здрав, и добар за животната средина. Начинот на кој ги храниме животните мора драстично да се  промени. Во нашата идеја како суровина за исхрана на ларвите од муви се користи биоразградлив отпад. Самото производство нема потреба  од голема количина на енергија , нус производот е  органско ѓубриво и не произведуваме отпад. Со сите овие параметри ние започнуваме еден нов бизнис и со сигурност тврдиме дека сме 100%  зелени.“ Александар Каравилоски (Ве дог Фуд-Прилеп), победник во категорија зелени идеи со идејата „Инсект пилот соба“

„ Идејата се состои од собирање на отпадна хартија од сите големи загадувачи (молови, супермаркети) и конвертирање во трајни материјали: плочест материјал за столарија и втор материјал- вештачка кожa. Од овие материјали планираме изработка на високо-естетски трајни производи за широка потрошувачка, но и продажба на репро-материјали.
Добивањето на признание во форма на пласман меѓу првите три идеи, ми даде со радост да ја понесам одговорноста за да ја оправдам довербата на тимот на АРНО и соработниците, но и да се изборам оваа идеа да добие интернационално признание и прифаќање, со цел зеленото ехо се прошири што подалеку и позитивно ги промени животите на што поголем број на луѓе.“ Гоце Стевановски победник во категорија ембрионски идеи со идејата „Од загадувач до разубавувач“.