Wednesday, Dec 7, 2022
HomeДЕНЕШНАПомеѓу реалноста и фантазијата – Самостојна изложба на Виктор Јаневски

Помеѓу реалноста и фантазијата – Самостојна изложба на Виктор Јаневски

Третата по ред самостојна изложба на младиот скулптор и сликар Виктор Јаневски конципирана e од неколку цртежи и поголем број слики изработени во акрилна техника.

Изложбата „Моменти на магично присуство“ ќе биде отворена на 4 април од 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Самиот генерален наслов на изложбата „Моменти на магично присуство“, како и мотивите во сликите, реферираат на лавирањето помеѓу реалноста и фантазијата.

Во тој слободен, духовно изолиран паралелен свет, или во тој реално –иреален „остров на уметноста“, Јаневски ни ги манифестира миговите на своето интимно магично доживување во процесот на креирањето на делата.

Рефлексијата на магијата може да ја детектираме во варирањето на колристичката
експресија, во прелевањето и лавирањето на боите, во различната морфологија на
елементите во композициите коишто се артикулирани низ стилските разлики.

Како што ги прелева боите, се чини дека Јаневски, спонтано , низ еден лежерен
ритам, синхронизирано и дискретно стилски оперира, тргнувајќи од реално – надреалните, преку монохромно обоените, па сѐ до апстрактно третираните дела.

Во поголемиот број слики, доминантното место го заземаат некои вибрирачки“ астрономски и метеоролошки сензации кои се присутни во сликите: „Создавање“; „Некаде далеку“; „На граница“; „Енергија“; „Светлина околу еклипсата“, како и минималистички третираната метео- претстава „Дожд “ и сликите обвиткани со надреалистичка аура „Фатаморгана“ и „Рамнотежа 2“.

На стартот на својата сликарска кариера, веруваме дека Јаневски, во неговиот „Остров на уметноста“, и натаму ќе ги создава своите имагинарни, реално – виртуелни светови, и натаму ќе ги игнорира објективно бесперспективните околности кои денес ги живеат многумина млади уметници, пишува Конча Пиркоска која ќе биде и куратор на изложбата.

Bиктор Јаневски е роден 1994г во Скопје, завршил cредно уметничко училиште во Скопје, дипломиран вајар и магистриран сликар на Гакултетот за ликовни уметности во Скопје, и учесник е на две самостојни и повеќе групни изложби.