Monday, Aug 2, 2021
HomeДЕНЕШНАПолитикаОдговорност за 27 април мора да има, но и пресумпција на невиност, порача Иванов

Одговорност за 27 април мора да има, но и пресумпција на невиност, порача Иванов

Претседателот Ѓорге Иванов во вечерашното обраќање порача дека мора да има одговорност за насилните настани од 27 април годинава, но дека при тоа мора да се почитува пресумпцијата на невиност.

– За политичкото, како и за физичкото насилство за настаните од 27 април, одговорност мора да има. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Мора да се почитуваат човековите права, да се почитува пресумпцијата на невиност и да се внимава на квалификациите на кривичните дела – рече претседателот.

Тој истакна дека како и претходно и сега ја поддржува иницијативата „За заедничка Македонија“, која, како што рече е „сочинета од граѓани кои се сплотиле зад идејата за заштита на државата“. Тој истакна дека овие граѓани не може да бидат третирани како терористи.

Претседателот рече дека секојдневно добива информации за политички и партиски реваншизам и оти е загрижен поради ваквата појава која води кон создавање тензии и нестабилност.

– Секојдневно до мене пристигнуваат информации и загрижен сум за политичкиот реваншизам што е видлив на повеќе нивоа, од јавната администрација, до судско-полициските случаи. Со ова се внесува страв и несигурност што доведува до состојба на тензии и политичка дестабилизација – рече Иванов.

Тој повика дека во следниот период кога треба да се исполнат неопходните реформи, потребен е национален консензус и дијалог за исполнување на реформите.

– Во услови кога не очекува исполнување на многу превземени обврски за консолидација на општеството, како и на планот на европската и евроатлантската интеграција, целата енергија треба да е фокусирана кон градење консензус за национален дијалог и исполнување на реформите. Со реваншизам и демонстрација на сила, се генерира поларизација на општеството, состојба во која не можеме да очекуваме напредок во реформските процеси. Повикувам на разумно и одговорно однесување на сите надлежни институции кои мора да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија. Секој е одговорен за своите постапки и свесен за последиците кои произлегуваат од нив – рече Иванов.

Тој истакна дека граѓаните очекуваат решенија, а не проблеми и оти сите политички субјекти треба да служат во интерес на сите граѓаните.

Иванов рече дека нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонскиот судир.

– Секогаш кога сме биле поделени, други нè окупирале, раселувале, преименувале и однародувале – рече Иванов.

Обраќањето на Иванов доаѓа откако МВР, по налог на Основното јавно обвинителство, денеска приведе 36 лица за насилствата во Собранието од 27 април годинава, меѓу кои и пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчулоски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи Митко Чавков, како и дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски.