Wednesday, Dec 7, 2022
HomeДЕНЕШНАПолитикаОрбан – Заев: Унгарија ќе продолжи да ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и кон НАТО

Орбан – Заев: Унгарија ќе продолжи да ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и кон НАТО

Премиерот Зоран Заев денеска, на маргините на Самитот на шефови на влади на Источна и на Централна Европа за соработка со НР Кина, на унгарскиот премиер Виктор Орбан му го претставил планот „3-6-9“, како и конкретните чекори што ги презема Македонија за подобрување на економската состојба и за привлекувањето на странски инвестиции.

Во разговорот со Орбан, Заев посебно го нагласил инсистирањето на соработката со опозицијата за сите крупни и позначајни прашања, битни за евроатлантските интеграции на Република Македонија. Тој, исто така, се заблагодарил во име на Владата за поддршката на Унгарија во обезбедувањето на македонската јужна граница со Грција, во однос на мигрантската криза со која се соочува ЕУ.

Како што соопштуваат од владината прес-служба, на средбата било заеднички истакнато дека Република Македонија и Унгарија имаат одлични односи и дека ќе настојуваат и понатаму да ги унапредуваат во сите области.

Премиерот Орбан, кој на средбата бил придружен од министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, се заблагодарил за учеството на Република Македонија на самитот и воедно му упати честитки за премиерот Заев за неговиот избор за претседател на Владата на Република Македонија.

Унгарскиот премиер нагласи дека неговата земја, како и досега, ќе продолжи со својата поддршка кон Република Македонија во евроатлантските интеграции.

– Економската соработка е во подем – истакна премиерот Орбан, и додаде дека Унгарија ќе продолжи да ги стимулира своите компании да инвестираат во регионот на Западен Балкан.

На средбата било искажано задоволство и од почнувањето на проектот „Брза пруга“ од Будимпешата до Белград, при што беше нагласено дека е важно тој проект да продолжи до Грција преку Република Македонија.

Премиерот Орбан нагласи дека треба да се искористи периодот за време на бугарското претседавање со ЕУ и, особено, личната заложба на премиерот Борисов за интензивирање на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ.