Македонија испиша историја: пласман на нашата А репрезентација на ЕП

Со голот на капитенот Горан Пандев во 56 минута, фудбалската репрезентација на Македонија вечерва ја совлада Грузија со 1:0, на гостински терен и за првпат во историјата обезбеди пласман на Европско првенство.
За првпат во својата историја Македонија ќе учествува на едно големо фудбалско натпреварување , откако Горан Пандев со единствениот гол на мечот обезбеди победа во финалето на плеј-офот против Грузија.
По последниот свиреж на судијата, македонските репрезентативци ја прославуваа победата на средината на теренот опкружувајќи го 37-годишниот капитен Пандев кој не можеше да ги задржи солзите.
Иако рангирана на 65-то место на светската ранг-листа на ФИФА, С. Македонија успеа да обезбеди учество на Европското првенство кое ќе се одржи во јуни и јули следната година.
Противници на македонската репрезентација во групата Ц ќе бидат Холандија, Украина и Австрија.
Првите два натпревари, според сегашниот календар доколку не се сменат работите, поради Ковид-19 кризата, македонската репрезентација ќе ги игра со Австрија и Украина, на 13 и 17 јуни во Букурешт, главниот град на Романија, а на 21 јуни во Амстердам со домаќинот Холандија.