Карл Билд доаѓа во Скопје, но не гледа знаци за крај на кризата

Карл Билд доаѓа во Скопје, но не очекува крај на кризата. Поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи на својот Твитер профил најави дека доаѓа во Македонија. „На турнеја за кризата во Скопје утре. И потоа во Белград. Секогаш Балканот“ – напиша тој.
Билд, кој сега е копретседавач на тинк-тенк организацијата Европски совет за надворешни односи, посетата на Скопје ја најави уште вчера на Твитер, каде објави и фотографија од подготовката за лет од Болоња кон македонската престолнина. Тој исто така напиша и дека не гледа знаци за крај на кризата во Македонија.
„Не и се гледа крајот на уставната криза во Скопје. Се чини дека разликите во ставовите се се подлабоки. Ситуацијата е тешка“, напиша тој на Твитер.
Засега нема официјални податоци за агендата на Билд, но дел од медиумите пренесуваат дека тој ќе оствари средба со претставници на СДСМ и ДУИ.
Инаку, Билд беше специјален пратеник на ЕУ за поранешна Југославија, висок претставник на Унијата за БиХ, како и специјален пратеник на ОН за Балканот. Се смета за голем познавач на состојбите во регионот и за човек „без влакна на јазикот“ кој отворено зборува за проблемите.