Sunday, Jan 29, 2023
HomeДЕНЕШНАРегионЈајца и јаболка летаа кон полицијата која ја брани Владата на Борисов

Јајца и јаболка летаа кон полицијата која ја брани Владата на Борисов

Скоро два месеци, бугарските граѓани  во ек  на Корона пандемијата, и во континуитет протестираат на софиските улици, но и на улиците на поголемите бугарски градови, барајќи оставка од владата предводена од Бојко Борисов, но и од новоназначениот државен јавен обвинител Иван Гешев. Демонстрантите ги обвинуваат нив за врски со корумпирани бизнисмени, заштитници на крупната-корумпирана-криминална бизнис олигархија, и го обвинуваат  Борисов дека е „кукла на конци“ на Делјан Пеевски, пратеник од редовите на  етничкоцентристичката партија Движење за права и слободи (ДПС), на етничките Турци, и еден од најголемите медиумски магнати во земјата, со особено низок рејтинг меѓу бугарското население.

 

 На вчерашните протести се случија и судири помеѓу полицијата и демонстрантите, кога вторите фрлаа со јајца и јаболка по жандармеријата, обидувајќи се да дојдат до зградата на Народното собрание, каде што заседава „ Големото народно собрание“. По предлог на Борисов, за избегнување на одговорноста, тој предложи уставни измени со кои ќе се направи „поефикасен, поефективен и понезависен судско-обвинителски систем“, со кој правдата ќе биде еднаква за сите и неселективна. Тоа, меѓу другото, не ги смири разгневените граѓани, кои ова го протолкуваат како уште еден политички од на премиерот за да се задржи на власта. По синоќешните судири, има и приведени демонстранти во полицијата, обвинети за напад врз полицајци, но и неколкумина со раскрвавени глави. Обвинување за немилиот настан, излезен од контрола, има и од двете страни.

 

 Претседателот Румен Радев, жесток опозиционер на Борисов, ги повика демонстрантите да протестираат мирно до конечен пад на оваа влада. Борисов, токму кон него го впери прстот дека тој е „организаторот на овие партиски протести“. Бугарија  и по 13 години полноправно членство во Европската унија, се уште важи за најсиромашната и најкорумпираната земја членка на Унијата. Од 1989  година, од падот на комунизмот до последниот попис во 2011-та година, во Бугарија живеат 2 милиони бугарски граѓани помалку, како резултат на масовното иселување на Запад, и големата депопулација.