Tuesday, Sep 28, 2021
HomeГОВОРНИЦАИнтервјуИнтервју Бужаровски: Како до праведна транзиција во македонската фосилна индустрија?

Интервју Бужаровски: Како до праведна транзиција во македонската фосилна индустрија?

Стефан Бужаровски

Стефан Бужаровски професор по хумана географија на Универзитетот во Манчестер, смета дека за помалку од десет години македонските термоцентрали на јаглен ќе бидат затворени. Енергетските потреби ќе мора да се надоместат од обновливи извори, а за вработените и регионите кои се економски зависни од рудниците да се обезбеди праведна транзиција.

Што ќе значи праведната транзиција за Северна Македонија и какви ќе бидат промените?

Бужаровски: Мислам дека на нашето општество уште не му е јасно колку длабоки и суштински се тие промени, дека ни следи затворање на овие капацитети за производство на струја од јаглен во едно многу скоро време, практично утре. Уште подлабокиот рез, тоа што се уште нема разбирање во општеството и за коешто мора итно да има дебата е дека ние треба да се откажуваме и од гасот, гасот е фосилно гориво. Во Македонија во моментов се носат одлуки и се поддржува развивање на инфраструктура којашто е базирана врз производство на гас, значи процес на гасификација во овој момент е апсолутно погубен за државата.

Напротив треба да се дестимулира гасификацијата и да се бараат други решенија во таа смисла, а не таа уште повеќе да се промовира во дадениов момент. Затоа што како што сега имаме откажување од јаглен многу наскоро ќе дојде истото со гас, а најлошото што може да се случи во овој момент е ние да се заклучиме, да се затвориме во една ситуација кога сме зависни од гас бидејќи тие инвестиции на природен гас таканаречен бидејќи тој не е ни природен во голема мера,  тие инвестиции фактички ја затвораат државата во еден среден рок да биде зависна од тој енергенс.

Кои решенија се неизбежни и како да се заменат работните места во фосилната индустрија?

Бужаровски: Посебно во оние региони каде што ќе има затворање на капацитетите што се основани на фосилни горива мора уште сега да се размислува кој вид на реорганизација на работните места на економскиот сектор што е зависен на тие сектори ќе настане. Значи тоа мора да се планира сега, значи многу појасен и многу пофокусиран процес на планирање е потребен. Треба да се размислува каде лежат новите работни места. Тоа веќе се насетува, се навестуваат инвестиции во фотонапонски централи, тоа е одлична алтернатива. Се навестуваат можеби поголеми форми на поддршка за други форми на одржлива или зелена енергија како на пример топлотни пумпи, дури и некои форми на хидро енергија. Тука сум многу внимателен бидејќи хидроенергијата самата по себе е многу проблематична но, постојат услови во коишто можеби и таа би била прифатлива. Исто така ја имаме и ветерната енергија има други форми други алтернативи.

Како правилно да се трансформира македонскиот енергетски сектор и дали граѓаните може да добијат поголем избор?

Бужаровски: Македонија и сите овие околни држави се дел од еден европски простор каде што се отвараат пазарите за енергија и каде што има исто така многу повеќе размена на енергија преку границите и на крајот на краиштата нема ништо страшно во таа смисла, да има поголема размена на енергијата преку границите, да има фактички увоз и извоз. Сепак, и самата Македонија е едно големо и значајно транзитно подрачје во таа смисла и таа улога ќе ја има и понатаму и тука повторно нема ништо лошо.

Значи зборуваме за еден различен енергетски систем, енергетски систем којшто е многу повеќе поврзан меѓународно но, исто така и внатрешно каде што и самите граѓани, жителите стануваат производители на енергија на едно многу помикро ниво. Но, исто така потребна е многу поголема координација меѓу државата, приватните субјекти и секако оној третиот сектор, зборувам тука за невладините организации, но и овие новите форми што се појавуваат сега како енергетски задруги и секакви други форми на организации коишто се случуваат на локално ниво.

POST TAGS: