Sunday, Sep 26, 2021
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимитров – Дачиќ: Македонскиот безбедносен сектор вршел разузнавање без инволвираност на Владата,

Димитров – Дачиќ: Македонскиот безбедносен сектор вршел разузнавање без инволвираност на Владата,

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Србија, Никола Димитров и Ивица Дачиќ денеска во Ниш разговараа за последните случувања на релација Белград – Скопје, по обвинувањата од српските власти за офанзивни разузнавачки активности против Србија, пиѓува „Мета“.

Министрите, како што соопштија на прес-конференцијата, детално ги разгледале доказите, по кои Белград го повлече персоналот на српската амбасада од Скопје и заклучиле, дека во таквите активности не е вклучена македонската влада.

Шефот на српската дипломатија истакна дека информациите за разузнавачките активности не се однесуваат на македонската Влада, туку на безбедносниот сектор, кој тоа го правел заедно со една странска држава. Дачиќ, сепак не сакаше да прецизира за која држава станува збор.

Димитров истакна дека областа на разузнавањето е деликатна и поради тоа не сакаат да шпекулираат за да не нанесат поголема штета.

– Допрва треба да се работи на разјаснување на тие информации. Ме радува ако испадне дека информациите се точни дека не е инволвирана македонската влада. Затоа особено е важно овие информации детално да се испитаат – рече Димитров.

Тој истакна дека на тензиите кои настанале изминатите денови може да се гледа како шанса за подобрување на односите меѓу двете земји.

– И од овие денови можеме да видиме нешто добро, а тоа е да ги подобриме односите. Да ги донесеме на едно подобро ниво отколку што беа пред неделата. Свесен сум колку јавноста е збунета и жедна за информации, но поради природата на тој сектор мислам дека во оваа фаза, навлегувањето во детали може да не однесе во погрешна насока – рече Димитров.

Министрите изразија задоволство од ваквиот канал на комуникација и се договориле тој да остане постојано отворен.

Дачиќ во контекст на подобрувањето на добрососедските односи рече дека многу билатерални теми не биле покренати на средбата, поради што најави продлабочување на комуникацијата и соработката меѓу двете, како што рече, традиционално пријателски земји.

Во меѓувреме, амбасадата на Србија денеска почна нормално да функционира, откако персоналот вчера се врати во Скопје. Амбасадорката Душанка Дивјак-Томиќ, според најавите, ќе се врати во Македонија на 31 август.