Sunday, Jan 29, 2023
HomeДЕНЕШНАРегионДали западнобалканските лидери конечно ќе се европеизираат?!

Дали западнобалканските лидери конечно ќе се европеизираат?!

Специјалниот пратеник на Стејт департментот за регионот на Западен Балкан Метју Палмер, истакна дека Соединетите Американски Држави и Европската Унија унисоно ги координираат своите активности насочени кон интерграција на земјите од овој регион во ЕУ, но и за нивната меѓусебна интеграција преку иницијативата „ Мини Шенген“. Тој истакна дека земјите прават неопходни реформи кои се потребни за да ја постигнаат оваа долгорочна и стратешка цел- полноправно членство во ЕУ.

-Работиме на тоа Северна Македонија и Албанија да ги испорачаат неопходните реформи за да се убеди Европскиот совет, да ги отвори преговорите за членство за  двете земји во ЕУ. Исто така  Договорот од 5 јуни за изборни реформи во Албанија и договорот за првите општински избори во Мостар по низа години е плод на партнерството меѓу САД и ЕУ, појасни Палмер.

Во таа насока лидерите на земјите од Западен Балкан, се заложија дека ќе промовираат конкретни чекори за регионален економски развој, со цел да го охрабрат економското закрепнување по кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19, да се поттикне и долгорочна конкурентност на самиот регион. По тој повод тие одржаа виртуелен самит на кој учествуваа претседателот на Србија Александар Вучиќ, македонскиот претседател Стево Пендаровски, албанскиот премиер Еди Рама, неговиот косовски колега Авдулах Хоти, како и претседателот на Советот на министрите на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија, и црногорската министерска за за економија Драгица Секулиќ.

Високите официјални претставници од западнобалканските земји, нагласија дека сите граѓани од овој регион треба наскоро да забележат напредок, бидејќи пандемијата од Корона вирусот, драстично ја намали економската активност и перформанси на самите држави. Овие земји, важат за едни од најекономски слаби по конкурентност на својата трговија и стопанство, со висока стапка на невработеност и со широко распространета корупција. Со цел да се покажат предвидените резултати, и веднаш да се зајакнат тековните процеси, лидерите најавија дека нивниот пристап во регионалните иницијативи ќе биде изграден на три столба и тоа: примена на четирите слободи на движење во рамките на ЕУ- стоки, услуги, капитал и луѓе, што е сржта на самата европска идеја. Вториот столб е предвиден да биде брзо почнување на инвестициски проекти, за кои лидерите се обврзаа дека ќе работат на максимизирање на влијанието на инвестицииските циклуси кои се дел од закрепнувањето и третиот столб е посочен како следење на спроведувањето, односно неговата транспарентност и ефикасност. Многумина западнобалканскиот економски он-лајн самит го спроведуваат како зародиш на Вишеградската група, кога централноевропските држави Чешка, Полска, Словачка и Унгарија, пред  да постанат полноправни членки на унијата, економски беа здружени и функционираа заеднички, за да го усогласат својот пазар пред нивниот влез во ЕУ.