ВИДЕО+ФОТО: Балканот под бела покривка, каде наврна највеќе снег во изминатите 24 часа?
По натпросечното топло време за месец Ноември на Балканот, во Хрватска, Србија, Словенија и Босна и Херцеговина викендот значително се намалија температурите и падна првиот снег.
Температурите на воздухот во Хрватска се движеа од 2 до 7, а снег падна на Сљеме, во Горски Котар, како и во Карловац и Дуга Реса. Лика е под снежна покривка, во Госпиќ каде има над 30 сантиметри снег,а нема ниту струја.
Учка е затрупана, а наносите од снег во овие делови од Хрватска достигнаа и до еден метар.
Влажниот снег предизвика уривање на стебла што ги оштетија далноводите и нисконапонската мрежа. Според хрватските хидрометеоролози и Јадранот нема да остане поштеден од наглото заладување.
Имено, се очекува силен ветер, а на северниот и дел од средниот Јадран и многу силна бура.
“Јутарњи лист” објави дека снегот и силниот ветер предизвикале сообраќаен хаос на автопатот Загреб-Риека. За сообраќај е затворена и Јадранската магистрала од Карлобаг до Света Марија Магдалена, а на сите патишта во Лика задолжително е носење зимска опрема за автомобилите.
Во Словенија вчера првично врнеше дожд, а потоа снег. Бране Грегорчич од словенечката Метеоролошка служба изјави дека во пониските предели се очекува снежната покривка да достигне од пет до десет сантиметри, а на планините од 20 до 40 сантиметри.
Во северозападниот дел на Босна и Херцеговина од синоќа почна да паѓа слаб снег, кој засега не се задржува на патиштата.

Сљеме, БиХ
Снег почна да паѓа и во Србија, а Нови Сад во неделата се разбуди под снежна покривка. Се апелира до возачите кои доаѓаат и се движат по патиштата во Србија задолжително да носат зимска опрема затоа што по коловозите има околу пет сантиметри влажен снег. Исто така, се апелира до возачите да возат претпазливо, соопшти Авто-мото сојузот на Србија.
Н.С