Tuesday, Jun 15, 2021
HomeДЕНЕШНАПолитикаАндонов: Да сакаше, Чавков ќе направеше државен удар додека протестираа „шарените“

Андонов: Да сакаше, Чавков ќе направеше државен удар додека протестираа „шарените“

Тука сме да ѝ порачаме на антимакедонската партија СДС, дека знаеме оти сето она што го прават последниве денови не се базира на докази и на аргументи, туку на лажни обвинувања кон нашата партија и нашите пратеници, рече Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ, во своето обраќање на вечерашниот протест на партијата пред Кривичниот суд во Скопје.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ трет ден одржува протести против приведувањето и притворањето на нејзини членови и пратеници поради учество во насилствата во Собранието од 27 април годинава.

– Не можат да го скршат ВМРО. ВМРО е врежано во срцето на сите патриоти и затоа сме тука да им порачаме: Нема да ви помине овој обид да ја изманипулирате македонската јавност – рече Нацев.

Оливер Андонов во своето обраќање пред стотината присутни рече дека ако сакал поранешниот министер за внатрешни работи и поранешен директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој е еден од притворените, да направи државен удар, тоа ќе го сторел додека протестирале „шарените“.

– Да сакаше кој било во Македонија да направи државен удар, тоа можеше одамна да го направи. Најголемата грешка можеби беше што аболираниот криминалец, кој бега од судот, не беше приведен кон правдата за предавство на сопствената држава и еден куп криминали кои ги стори. Убеден сум дека и тој и целата негова клика еден ден ќе одговараат пред сите вас за она што ѝ го прават на Македонија – рече Андонов.

На протестот, кој траеше помалку од еден час, присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Учесниците најавија протест и за утре, но не соопштија каде ќе го одржат.

Претходно, Министерството за внатрешни работи информира дека партијата ВМРО-ДПМНЕ најавила дека во наредните триесет дена, во периодот од 15 до 17 часот, ќе блокира повеќе скопски крстосници.

Од МВР нагласуваат дека сообраќајната полиција ќе преземе засилени мерки за контрола и за регулирање на сообраќајот за олеснување на метежот што ќе настане за време на блокадите.

За време на блокирањето на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, кај Порта Влае, крстосницата на улицата Јане Сандански и булевар Србија, кај Рампа, кај „МИДА моторс“, на крстосницата на булеварот Александар Македонски и на крстосницата на улиците Васил Чакаларов и Ангел Динев, сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.