Tuesday, Apr 23, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРМузеј18 мај ќе се одбележи со бесплатен влез во музеите

18 мај ќе се одбележи со бесплатен влез во музеите

muzej

„Музеи, одржливост и благосостојба“ е мотото под кое утре ќе се одбележи Меѓународниот  ден на музеите, 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.

На овој ден, музеите во земјава традиционално ќе ги отворат своите врати и ќе овозможат бесплатен влез за посетителите, ќе поставуваат изложби, ќе организираат промоции, работилници и разни едукативни активности, со цел да го доближат движното културно наследство до што поголем дел од јавноста.

Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во промоцијата на одржливост и благосостојба, можат да инспирираат, да образоваат и да иницираат позитивни промени во различни аспекти на животот за сите нас.

Постојат многу начини за музеите да придонесат за постигнување на целите за одржлив развој: од поддршка на климатските активности и поттикнување на инклузивноста, до справување со социјалната изолација и подобрување на менталното здравје.

Меѓународниот ден на музеите се одбележува на 18 мај – датум избран на Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ во 1977 година во Москва. Целта на одбележувањето е да се насочи вниманието на јавноста од целиот свет кон музејската дејност.