Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗошто никој не го информира ВМРО-ДПМНЕ дека Клиничка болница во Битола е пред распаѓање

Зошто никој не го информира ВМРО-ДПМНЕ дека Клиничка болница во Битола е пред распаѓање

Пред два дена во посета на Битола престојуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а меѓу другото ја посети и битолската Клиничка болница, која во меѓувреме доби нова покривна конструкција, дограма и енергетски ефикасна фасада, во вредност од 110 милиони денари. Исто така, при посетата во медиумите беше нагласено дека се работи за целосно реконструирање на болницата, а беше нагласена набавката на ангиограф, акцелератор и друга најсофистицирана дијагностичка и останата опрема, како и 250 вработувања за последните пет години. И додека тоа се случуваше на влезот од болницата, во внатрешноста, поточно во административниот дел на болницата, истражители на Специјалното јавно обвинителство ја чешлаа документацијата, а дополнителни информации што и како се бара на увид во однос на набавката на опрема од страна на Министерството за здравство, не е познато.

За секого е во интерес да има убави и реновирани болници и секако, како битолчани сме особено горди што објектот доби нов лик, што дограмата е заменета и на хоспитализираните пациенти не им дува од сите страни и што тоа пак, доведува до енергетска заштеда на самата болница.

Но, освен дел од новата набавена опрема и споменатите 250 вработувања во изминатите пет години, никој не проговори за голем број суштествени работи во Клиничка болница, за кои речиси секојдневно реагираат пациенти до нашата редакција. Зошто никој од раководството на Клиничка, или пак началниците на одделенијата, не ги информираше доскорешниот прв човек на ресорното министерство за здравство, или пак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, со какви реални проблеми се соочува Клиничка болница Битола? Дека одредена опрема се набави, тоа е точно, но што станува со онаа која е расипана? Што станува со дефектите во одредени дијагностички апарати, кои со месеци седат непоправени, или соодветни реагенси кои често пати недостигаат, или пак меѓусебната битка која постојано ја водат одредени началници на одделенија со раководството на болницата, за да добијат основни средства за работа? Каде се одговорите за тоа кога ќе започне со работа акцелераторот, кој е веќе одамна готов? Кога претходно ние како новинари ќе прашавме зошто не е ставен во употреба, добивавме одговор, обратете се во Скопје. Еве, јавно прашуваме, зошто пред јавноста, никој од раководството на Клиничка не се осмелува да побара договор и да праша клучни прашања, а потоа и да ја информира јавноста околу нешта кои се однесуваат на самата болница? И не е само акцелераторот….кога битолчани вистински ќе го дознаат бројот на новозаболени од рак, или на севкупната бројка која во моментов е на соодветна терапија во Одделението за онкологија? На кои работни места се однесуваат тие 250 вработувања?

Реченицата „Целосна реконструкција на Клиничка болница Битола“ подразбира и уште едно прашање, на кое не само што никој не дава одговор, туку и од него се бега како Ѓавол од темјан. Што е со кадровската политика во битолската Клиничка болница? Дали на болницата и се заканува затворање на одредени одделенија поради недостаток на стручен кадар, особено на специјалисти? Дали тоа е уште еден чекор во таканаречената „Теорија на заговор“ за уништување на Битола, во случајов преку Клиничка болница? Неколку одделенија се пред тотален колапс поради недостаток на стручен лекарски кадар, а началниците на тие одделенија велат дека одамна побарале преку разно разни дописи да се обезбедат нивни колеги, со цел да можат да добијат и соодветна пракса, па да ги наследат оние кои заминуваат во пензија, на дообучување, или во приватниот сектор за подобри плати? Неофицијално, неколку одделенија се целосно загрозени во однос на докторскиот кадар. Така, детското одделение работи со тројца специјалисти, од кои едниот веќе е на чекор до пензија. Во слична состојба се и урологија, неврохирургија, анестезиолози ни доаѓаат од Прилеп и Охрид, ниту кај гинеколозите не е подобро, а слично е и кај неонатолозите. Само за информација на јавноста, едно дежурство на доктор во болницата чини околу 1000 денари, а доколку специјалист дојде од друга болница, или пак наш специјалист отиде во друга болница на дежурство, цената на дневницата е 6000 денари.

Ако пред фактите и Боговите молчат, останува проценките, математиките и заклучоците секој да си ги донесе сам.

Извор: tvorbis.com.mk