Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗНМ: Послушните медиуми власта ги наградува со јавни пари

ЗНМ: Послушните медиуми власта ги наградува со јавни пари

о жалење можеме да констатираме дека состојбата со слободата на медиумите минатата година се влошува во сите индикатори на истражувањето, како што е медиумско заканодавство и нејзина имплементација, вкупната професионална, економска и социјална состојба на новинарите како и нивната безбедност – беше речено на денешната прес конференција на Здружението на новинарите на Македонија кое го објави извештајот за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во 2016 година.

Извештајот е изработен користејќи квалитативни и квантитативни методи за собирање и анализирање на податоци.

Владата ги користи сите инструменти на власта да ја ограничи слободата на говорот и да ги контролира медиумите, вели ЗНМ.

Послушните медиуми, велат, ги наградува со јавни пари „додека новинарите што ја критикуваат постојано ги напаѓа и ги изложува на разни притисоци“.

Од ЗНМ реагираат и на непочитувањето на мораториумот за владини реклами од мај 2015 година, кој го нарекоа „формален“, и потенцираа дека јавните институции по разни основи продолжуваат да трошат сериозни средства во медиумите.

– Од собраните податоци се гледа дека министерствата и општините во Македонија лани имаат потрошено околу еден и пол милиони евра во печатените, онлине и регионалните и локалните медиуми. Околу 400 илјади евра се потрошени во првата половина од минатата година, додека над еден милион евра биле планирани да се трошат во втората половина – велат од ЗНМ.

Околу 700 илјади евра, што е пола од вкупните средства, се потрошени од Министерството за информатичко општество и администрација, како субвенции за националните телевизии за потикнување на домашната играна и документарна програма. Во споредба со 2015, МИОА лани овој фонд го има зголемено за 200 илјади ерва, иако во програмската шема на националните телевизии сеуште преовладуваат турските серии и забавните српски емисии. Ако овие средства битно не влијаат на збогатување на програмската шема на националните телевизии, тогаш логички се поставува прашањето која е нивната вистинска намена. Ние сме убедени дека власта не се грижи за домашната продукција, туку на купување наклонетост на медиумите. Останатиот дел од средствата на министерствата и општините се потрошени за огласување и за претплата на весници.

Најмногу средства од општините за таа намена имаат одвоено општините Битола и Гостивар, со околу 60 односно 50 илјади евра годишно. Загрижува фактот што некои општини трошат јавни пари на граѓаните за политичка пропаганда на градоначалникот или советот. Така општините Гевгелија, Делчево и Куманово имаат трошено десетици илјади евра за регионални телевизии за пренос на седниците на советот, за презентација на активностите на општината или за објавување на соопштенија. Од друга страна, има општини кои за една година исплатиле над 20 илјади евра на три регионални телевизии без да наведат за која намена. Таков е примерот со општина Штип, вели ЗНМ.

Според податоците од истражувањето од министерствата најмногу средства за преплата на весници има потрошено Министерството за внатрешни работи, кое во 2016 година за таа цел исплатило над 50 илјади евра, а начинот на распределба и целта заради која се трошат парите во медиумите, како што велат од здружението, оставаат сомнеж дека министерствата и општините сакаат да ја купат наклонетоста на медиумите и, според нив, да ги инструментализираат нив за политички интереси.

– Таму каде не функцинираат парите за да се воспостави контрола на медиумите, власта користи гола сила да ги замолчува новинарите. Според нашите податоци во последните четири години, нападнати се над 40 новинари, од кои околу пола од нападите се случиле во 2016 година. Имавме прогонувани новинари, еден осуден на затворска казна, а друг повеќе од една година е во притвор осомничен за незидржани обвинувања. Овој факт јасно сведочи за драматичната ескалација на насилството врз новинари. Во Македонија постои јасна политика на неказнивост на насилството против новинарите. Убедливо најголем дел од инцидентите не се расветлени, а ниту еден насилник не е казнет – вели ЗНМ.

Податоците од извештајот сведочат и за влошување на професионалната, економска и социјална положба на новинарите. Нивните плати, велат од здружението, се намалуваат, „работните места се несигурни, а притисоците од уредниците, менаџерите и газдите на медиумите се зголемуваат“.

Единствена светла точка во овој извештај е подобрување на судската пракса за тужбите за клевета и навреда против новинарите. Позитивно во презентираниот извештај е дека бројот на тужбите се намалува, а судиите, со одредени исклучоци, почнуваат сериозно да ја применуваат праксата на Европскиот суд за човекови права од Стразбург. За разлика од 2012 година, кога имаше над 320 тужби за клевета против новинари, лани тој број беше под 50.

– Се надеваме дека новата влада ќе покаже вистинска политичка волја да ги спроведе реформите во медиумите согласно барањата на Европската унија и новинарската заедница – изјавија од ЗНМ.