Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗНМ побара од Владата заштита на новинарите од насилство од државни институции

ЗНМ побара од Владата заштита на новинарите од насилство од државни институции

Премиерот Зоран Заев и министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска со белгискиот експерт Питер Ванхауте и со претставниците на ЗНМ разговараа за состојбата во медиумите и за претстојните реформи.

На средбата било заклучено дека медиумите се меѓу најважните столбови на едно демократско општество, a Ванхауте, кој беше олеснувач во Договорот од Пржино, и претставниците на ЗНМ ја поздравиле владината иницијатива за медиумски реформи.

„Се отворивме за целиот реформски процес, а тоа важи и за медиумските реформи. Ја консултираме целата експертска јавност. Го консултираме граѓанскиот сектор. Ќе ја вклучиме и опозицијата. Нашата цел е да обезбедиме МРТВ да биде кредибилен јавен сервис, професионално работење на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и услови за објективно и непристрасно работење на сите други медиуми, бидејќи интерес на сите граѓани е да бидат навремено и точно информирани – рече Заев.

Европскиот експерт Ванхауте посочи дека Македонија е на дното по медиумски слободи во извештаите на сите релевантни европски и светски институции и организации токму поради досегашното отсуство на политичка волја да се осигури слобода на говорот, професионално новинарство и заштита на новинарите.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, ги пренел ставовите на здружението и побарал особено да се обрне внимание на заштита на новинарите од насилства од државни институции, како и од притисоци преку нетранспарентни судски процеси, за што се посочени досегашни бројни примери.

Заев и Поповски најавиле интензивна соработка со ЗНМ и со претставниците на медиумската заедница во Македонија за сите суштински прашања од интерес за новинарите и за медиумите.