Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗНМ: МВР тврди дека обезбедувањето на Груевски не упаднало во ТВ 21

ЗНМ: МВР тврди дека обезбедувањето на Груевски не упаднало во ТВ 21

Личното обезбедување на поранешниот премиер Никола Груевски не влегло во дворот на „ТВ 21“ и не му наложило на новинарот Кристијан Ландов да избрише снимки од мобилниот телефон. Ова било наведено во одговорот на Секторот за внатрешни контрола и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи на барањето на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) да биде поведена дисциплинска постапка против двајца припадници на обезбедувањето на Груевски, кои на 17 јуни годинава без налог упаднаа во телевизијата.

„МВР во краткиот допис до ЗНМ нè извести дека извршиле проверки, но при тоа не успеале да обезбедат докази со кои ќе се потврдат наводите дека обезбедувањето на Груевски влегло во дворот на „ТВ 21“ и му наложило на новинарот да ги избрише од телефон снимките со експремиерот Груевски како поминува на улица Македонија. Освен тоа, МВР го известило и Основното јавно обвинителство во Скопје за констатираната состојба. Со тоа полицијата му укажува на обвинителството да не поведе какво било постапка против нејзини припадници затоа што таков инцидент не се случил, иако безбедносните камери на телевизијата јасно го имаат регистрирано целиот настан, а новинарот и раководството на телевизијата го пријавиле инцидентот и бараат одговор од полицијата за неовластеното влегување во нивните простории“, стои во соопштението од ЗНМ.

Оттаму додаваат дека ЗНМ упадот го оцени како „директен напад врз слободата на медиумите затоа што полицијата нема право да ги спречи новинарите на јавен простор да го снимаат поранешен премиер и лидер на владејачката партија“.

МЕТА