Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗНМ ќе побара ОЈО кривично да го гони Тони Михајловски за говор на омраза

ЗНМ ќе побара ОЈО кривично да го гони Тони Михајловски за говор на омраза

Здружението на новинари на Македонија остро ги осудува смртните закани против новинарот Бранко Тричковски што ги упати актерот Тони Михајловски.

Од ЗНМ најавија дека до Јавното обвинителство ќе достават писмено барање за кривично гонење.

„Говорот на омраза и повикувањето на насилство против новинари е асполутно неприфатливо и претставува директен напад врз слободата на говорот. Смртните закани имаат за цел да ги вознемират новинарите и да се замолчи критиката во медиумите. Јавно повикуваме да престанат сите видови закани и притисоци против новинарите затоа што ваквиот насилнички говор не може да се смета како слобода на изразување туку е тешко кривично дело кое се казнува со затвор“, пишува во реакцијата на ЗНМ.

Од ЗНМ велат дека ќе се достави писмено барање за кривично гонење на Михајловски според членовите 144 и 394-Г од Кривичниот законик, откако Михајловски на својот Фејсбук профил напиша дека би можел да го убие Тричковски без да му трепне око.

„Се надеваме дека обвинителството ќе ги цени нашите докази и ќе покрене истрага против Михајловски. Новата влада има законска и морална одговорност јавно да ги осуди ваквите закани и да воспостави ефикасен систем за казнување на насилството против новинарите. Одговорност на владата е да гарантира безбедна средина за работата на новинарите“, се наведува во соопштението од ЗНМ.