Thursday, Apr 25, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРМедиумиЗНМ го напушти брифингот на Томовска за владините реклами

ЗНМ го напушти брифингот на Томовска за владините реклами

Здружението на новинари на Македонија денеска учествуваше на брифингот организиран од Министерството за информатичко општество и администрација, на кој министерката Марта Арсовска Томовска го претстави Предлог законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции.

Во врска со ова ЗНМ испрати соопштение во кое вели:

-„По излагање на министерката Арсовска, претставниците на ЗНМ ги искажаа принципиелните ставови во врска со брифингот и предлог законот. Здружението одбива да учествува во материјална расправа за концептот на законот, поради лошо организираниот состанок од Министерството. Законот на веб страната на Собранието беше објавен непосредно пред средбата на која, пак, не беа поканети сите засегнати страни. Баравме, но не добивме објаснување зошто на средбата не се поканети колегите од Новинарскиот синдикат, Советот на етика, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и други. Министерката Томовска не успеа да не заштити од навредите на директорите на Канал 5 и Алсат-М Иван Мирчевски и Лирим Хајредини, кои со недоличен речник се нафрлија на претставниците на ЗНМ.

Дополнително, министерката немаше одговор дали овој предлог закон е резултат на преговорите на политичките партии потписници на Пржинскиот договор или е само на владините партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Како и дали гаранторите на договорот, САД и ЕУ се запознаени и се во тек со процесот на изготвување на концептот на законот. Арсовска-Томовска се обиде да ги злоупотреби извештаите на меѓународниот фактор селективно интерпретирајќи делови со кои се согласува, занемарувајќи ги останатите делови.

Генерален став на ЗНМ што беше потенциран на средбата, е дека со ваквиот закон ќе се легализира корупцијата медиумите, факт кој беше обелоденет од бомбите на опозицијата. На тој начин владините реклами ќе ги претворат медиумите во заложник на политичките и економските интереси на владата и на сопствениците на медиумите. Обврска на јавните институции е да ги направат достапни сите информации поврзано со нивната работа, а не јавните пари да ги користат за дневна промоција на владините политики. Со тоа медиумите стануваат огласна табла на владата платени со јавни пари.

Владините реклами ќе имаат силно влијание врз медиумскиот пазар, во кој владата досега беше најголем огласувач. Ваквата позиција на владата и дава можност да ја контролира уредувачката политика на медиумите и со тоа ќе ја задуши критиката.

Наместо рекламирање, ЗНМ предлага истите пари што Владата ги троши за медиумска промоција да ги намени за субвенционирање на медиумите, за подобрување на квалитетот на медиумската содржина, збогатување на политички плурализам, поддршка за малцинските медиуми и за обука на новинари.

Здружението предупреди дека со вакви погрешни концепти уште повеќе ќе се влоши состојбата со слободата на медиуми и стравува дека Македонија ќе остане во групата на неслободни земји, како што се Белорусија, Русија и Турција“, стои во соопштението на ЗНМ.