Thursday, Mar 28, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРМедиумиЗНМ бара ослободување на новинарот Божиновски

ЗНМ бара ослободување на новинарот Божиновски

Здружението на новинарите на Македонија денеска побара од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, да го повлече обвинението против новинарот Зоран Божиновски.

„Четири месеци откако новинарот Зоран Божиновски е екстрадиран од Србија, како еден од осомничените од случајот „Шпион“. Тогаш кажавме дека неговото апсење е политички мотивирано со цел да се затвори устата на еден новинар, кој има храброст да објавува скандали за власта.

Има најмалку две причини зоштo ние сме убедени дека процесот против Божиновски е обична политичка конструкција на власта злоупотребувајќи ги законите и институциите.

Првата е дека институциите кои толку многу инсистираа да се екстрадира Божиновски од Србија, сега непотребно ја одлагаат постапката. Ако обвинителството имаше докази тогаш зошто им беа потребни скоро четири месеци да го обвинат Божиновски? Какви докази бараше обвинителството во меѓувреме кога за предметот Шпион веќе првостепено се осудени 19 лица. Очигледно е дека обвинителството купува време затоа што нема цврсти докази да го поткрепи обвинението. Со право се сомневаме дека Божиновски се држи во притвор со цел да не може да објави нови скандали за власта во пресрет на предвремените избори.

Освен тоа, нема никаква рационална причина Божиновски четири месеци да биде држан во притвор под исто образложение, дека постои опасност да ја напушти земјата и да влијае на истрагата. Како е можно Божиновски да влијае на сведоците кога за случајот веќе е донесена првостепена пресуда.

Ги потсетуваме македонските власти дека Европскиот суд за човекови права од Стразбург во неговите пресуди има констатирано дека затвoрање на новинари се смета за непропорционална мерка, освен ако се работи за дела поврзани за тероризам и говор на омраза. Судот смета дека притвор на новинари за други дела влијае негативно врз слободата на изразувањето и слободата на медиумите“, се вели меѓудругото во соопштението од ЗНМ.

Божиновски во 2013 година беше еден од осомничените во случајот „Шпион“, но бидејќи им беше недостапен на органите на прогонот, истрагата против него беше прекината. На 21 април годинава, Божиновски беше екстрадиран од Србија во земјава, откако беше уапсен од српските власти во Нови Сад врз основа на меѓународната потерница, што властите во Скопје ја имаа распишано против него во 2013 година.