Friday, Apr 19, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРМедиумиЗНМ бара МРТ да ја одложи седницата за етичкиот кодекс

ЗНМ бара МРТ да ја одложи седницата за етичкиот кодекс

ЗНМ бара од Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија да ја одложи 16-та седницата на Програмскиот совет закажана за денеска на која треба да се усвои Етичкиот кодекс на МРТ.

– Текстот на нацрт Етичкиот кодекс на членовите на Програмскиот совет на МРТ е доставен во спротивност на членот 14 од Деловникот за работа на Советот, кој предвидува поканата и материјалите за седниците да се достават најмалку пет дена пред одржување на седницата. Доставувањето на нацрт текстот на кодексот кој содржи 85 члена, три дена пред одржување на седницата и тоа за време на викенд, остава впечаток дека раководството на МРТ сака набрзина да го усвои кодексот без да им даде можност на членовите на Советот сериозно да го анализираат и да достават сугестии, се наведува во соопштението.

Освен тоа, велат од ЗНМ, за текстот на кодексот досега не е организирана јавна расправа, на која новинарите и сите заинтересирани страни ќе имаат можност да придонесат за подобрување на текстот на кодексот.

– ЗНМ досега во неколку наврати јавно го побара текстот на нацрт кодексот од раководството на МРТ, но не ни беше доставен со изговор дека се уште не е готов. Патем, уредникот на првиот програмски сервис Диме Ратајковски, на дебатата во јуни организирана од Министерството за информатичко општество и администрација, вети дека кодексот ќе го објави на веб сајтот на МРТ и ќе организираат јавна дебата, велат од ЗНМ.

Донесувањето на етичкиот кодекс без јавна расправа и без да се вклучат сите заинтересирани страни не може да го подобри известувањето на новинарите и да ја зголеми довербата на јавноста во МРТ. Напротив, на ваков начин се создава впечаток дека раководството на МРТ сака нешто да скрие од јавноста и да глуми лажен активизам пред доаѓањето на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, стои во соопштението.