Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЖонглирања со дневниот ред и барања за конструктивност во Собранието

Жонглирања со дневниот ред и барања за конструктивност во Собранието

Собраниското мнозинство денеска не го поддржа предлогот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, одлучувањето за распишување оглас за нов државен јавен обвинител да биде отстрането од дневниот ред на 12. седница бидејќи, според пратениците на опозициската партија, се коси со Изборниот законик, пишува „Мета“.

Мнозинството гласаше и против предлогот на Илија Димовски од дневен ред да биде отстранет и изборот на потпретседатели на Собранието, бидејќи опозицијата е против решението да има пет потпретседатели.

– Според Изборниот законик, не треба да има именувања и разрешувања на високи државни функционери за време на избори. Ваквата измена на Изборниот законик беше донесена на барање на СДСМ и ние, како Собрание, треба да ја почитуваме за да може овој предизборен период да биде оценет како фер и демократски. Предлагам точката 15 да се симне од дневен ред и да биде на дневен ред по изборите – рече Милошоски, за чиј предлог гласаа 39 пратеници, а 62 беа против.

По ова неколкумина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се јавија за збор и бараа промена на дневниот ред, односно законите чиј предлагач е опозцијата да добијат приоритет, а распишувањето на огласот за нов државен јавен обвинител и изборот на потпретседатели да бидат последни точки на дневен ред.

Пратениците од мнозинството не ги прифатија ваквите барања и го усвоија предложениот дневен ред.

Претходно Собранието ги усвои предлозите на владејачката коалиција законите за минимална плата, за стечајците и за укинување на радиодифузната такса да бидат донесени во скратена постапка. Мнозинството го поддржа и предлогот по скратена постапка да бидат донесени и законот за зголемување на платата на полицајците, војниците, наставниците и на вработените во јавни претпријатија и фондови за пет отсто, законот за извршување и за доделување на ваучери за студентите за набавка на компјутери.

Димовски истакна дека ако власта сака опозицијата да биде конструктвина, тогаш парламентарното мнозинство треба да покаже двојно поголема конструктивност.

Процедурата за шесте закони, кои се и први на дневниот ред на 12. седница, продолжува во матичните комисии, по што се враќаат на расправа и на одлучување на пленарна седница.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери по двочасовна расправа даде пауза до 15 часот.