Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЖиваљевиќ тврди дека добил одобрение од кабинетот на Иванов

Живаљевиќ тврди дека добил одобрение од кабинетот на Иванов

Советникот за безбедност во амбасадата на Србија во Македонија и припадник на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Горан Живаљевиќ вечерва изјави дека неговото присуство во Собранието на 27 април, не било ниту тајно, ниту скришно и дека за тоа добил одобрение од советник на претседателот Ѓорге Иванов, пренесува српската агенција „Танјуг“.

– Мојата мисија не беше тајна, ниту недобронамерна, а згора не се, македонските служби беа упатени – изјавил Живаљевиќ за „Танјуг“.

Тој исто така кажал дека „за престојот во Собранието добил одобрение од советникот за безбедност на претседателот на Македонија, Синиша Алексовски.“

– Тој човек ја знаеше причината зошто бев таму и за тоа беше информиран. Мојата мисија таму не беше тајна и беше добронамерна во однос на безбедноста на Македонија, а во контекст на соработката која ја имаме со безбедносните служби на Македонија. Моето пријавување за активност таа вечер, на 27 април, беше насочено на самиот кабинет на претседателот и неговиот советник за безбедност – додал Живаљевиќ.

Претходно, ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ги демантираше тврдењата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека некоја македонска институција му дала согласност на српскиот дипломатски претставник Горан Живаљевиќ да влезе во парламентот на Република Македонија за време на инцидентот.

Живаљевиќ тврди дека „во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ намерно се прескокнува инстанцата претседател на Република Македонија.“

Во меѓувреме, од кабиентот на претседателот Ѓорге Иванов соопштија дека посочениот советник на претседателот Иванов, не е овластено лице за пријавување на движење и престој на странски претставници и во конкретниот случај постапил согласно безбедносните протоколи, за што изготвил и архивирал извештаи проследени до надлежните претпоставени.

Во соопштението од кабинетот се вели дека „согласно законите во Македонија, надлежен државен орган за комуникација со странски дипломатски преставници е Министерството за надворешни работи, додека посебна служба на Собранието се грижи за редот во зградата.“

„Кабинетот на претседателот не е надлежен ниту овластен да дава дозвола за престој и одобрение за активности на странски преставници и дипломати во Собранието. Изјавата на Живаљевиќ е спротивна на фактите. Македонските служби не побарале услуги од него. Тој по завршување на дејствијата и активностите во Собранието, испратил пораки до лица вработени во институциите, меѓу кои и посочениот советник, дека бил во Собранието со цел да обезбеди алиби и да ја намали одговорноста за своето постапување. Фактите говорат дека критичниот ден пред да влезе во Собранието, амбасадорот на Република Србија, односно дипломатот, не побарал писмена или усмена дозвола од овластено лице и надлежен државен орган, туку откако го завршил дејствието известил за своите активности, со што не може да ја намали одговорноста за неовластен престој во Собранието“, се додава во соопштението.

Од кабинетот на претседателот исто така велат дека „во изминатиот период реагирале до амбасадорот на Србија да се прекине со злоупотреба на името на советникот, со цел да го користи како алиби и да одбегне одговорност за непрофесионалното однесување на дипломатот.“

„Случајот со неовластениот престој на господинот Живаљевиќ во Собранието е затворен во постигнат договор помеѓу службите“, се додава во соопштението.