Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионЖителите на грчките острови ќе бидат номинирани за Нобелова награда за мир

Жителите на грчките острови ќе бидат номинирани за Нобелова награда за мир

Жителите на грчките острови, кои беа на предната линија во бегалската криза, ќе бидат номинирани за Нобеловата награда за мир со поддршка на националната влада, соопшти денеска весникот „Гардијан“. Од 900.000 бегалци кои влегоа во Европа минатата година, повеќето беа пречекани од жителите на грчките острови во Егејското Море. Локалните жители, вклучувајќи рибари, ја оставија својата работа и се вклучија во спасувачките акции во морето.

Членови на академските кругови на универзитетите Оксфорд, Принстон, Харвард, Корнел и Копенхаген подготвуваат официјално барање за доделување на престижната награда на локалните жители на островите Лезбос, Кос, Хиос, Самос, Родос и Лерос. Крајниот рок за номинации е 1 февруари, а иницијаторите на планот веќе се сретнале со грчкиот министер задолжен за миграцијата, Јанис Музалас, кој понудил поддршка од страна на Владата.

Петиција за поддршка на номинацијата, објавена на сајтот на организација Авааз (Avaaz), веќе е потпишана од 280.000 луѓе. Членовите на академските кругови истакнуваат дека жителите на државата, која самата се бори со економска криза, дале доказ за „емпатија и саможртва“, прибирајќи во сопствените домови луѓе кои останале без покрив над главата, болни и повредени.

Само лица и организации може да ја добијат Нобеловата награда, па најверојатно „мрежите за солидарност“ на островите – групи на волонтери кои помагаат на бегалците или поединци од овие групи ќе фигурираат во официјалната номинација, забележува „Гардијан“”. Една од организаторките на таква „мрежа за солидарност“, Мати Кацивели, 61-годишна пензионирана судијка, која живее на островот Лерос, ја поздрави идејата, но додаде дека „доволна награда е насмевка на луѓето на кои им помага“.