Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЖестоки пораки од Бундестагот – Се кристализираше клика која ја злоупотребувала власта за лично богатење

Жестоки пораки од Бундестагот – Се кристализираше клика која ја злоупотребувала власта за лично богатење

Германскиот Бундестаг по добиените информации на министерството за надворешни работи расправаше за состојбите во Македонија и постои загриженост дека политичката криза може да прерасне во меѓуетнички и дека на долг рок земјата ќе има големи последици по економијата.

josip juratovic

„Станува збор за класичен извештај за состојбата на терен“, изјави за Дојче Веле по седницата членот на Комисијата Јосип Јуратовиќ (СПД), додавајќи дека ситуацијата е тешка во поглед на формирањето влада. Тој смета дека мора да се продолжи со посредништво за да се признае резултатот од изборите и мнозинствoтo за составување влада. „Во една демократија е легитимно коалициите, односно мнозинствата да се составуваат слободно. Со оглед на тоа што постои предлог за коалиција, едноставно се очекува Претседателот да се согласи со изборот. Сега сме повикани, односно европските институции во земјата треба јасно да му стават до знаење (на Иванов, н.з.) дека од демократски аспект од него едноставно се очекува тој со тоа да се согласи, тоа да го легитимира.“

Јуратовиќ е убеден дека со политички одговорните во Македонија мора да се зборува јасно: „Не може да се стремите кон ЕУ, нам постојано да ни се повторува дека единствен проблем е името, а истовремено некој бара амнестија за корупцијата. ЕУ мора да покаже цврстина.“ Германскиот социјалдемократ е на мислење дека „оние кои се на власт со сета сила избегнуваат соочување со правдата“.

„Според мое мислење, таму се кристализираше клика, која ја злоупотребувала власта можеби за лично богатење. Дека овој сомнеж е оправдан покажуваат обидите да се спречи независно судство, што се прават обиди да се влијае врз сѐ. Во основа, оваа земја тапка во место и е, така да се каже, под контрола на определена клика. Имам впечаток дека сите се плашат од ‘синдромот Санадер’, но тоа е блага варијанта. ‘Синдромот Санадер’ во регионот значи дека кога Хрватска дојде до преговори за поглавјата 23 и 24 , премиерот заврши во затвор 6 години. Токму тоа се сака да се спречи, да се избегне. Оттука доаѓаат дискусиите за амнестија и други работи.“

Решението, според Јуратовиќ, е во чекорењето на земјата по парламентарен пат. „Парламентот е највисок орган во една демократска земја. Мислам дека тоа е главната слабост не само во Македонија, туку во целиот регион, што парламентот се инструментализира од страна на неколку властодршци за нивни лични цели. Тоа не функционира. Повеќето парламентарци се инструментализирани од една клика.“

Јуратовиќ препорачува досегашните европски посредници да продолжат со медијаторство, а сестринските конзервативни партии на ВМРО-ДПМНЕ да ѝ укажат на партијата дека демократизација е неопходна.