Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеЖерновски забрани изградба на улица на кејот на Вардар

Жерновски забрани изградба на улица на кејот на Вардар

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски доставил одлука до Советот со која се забрануваат градежни активности во опфатот помеѓу реката Вардар, улиците „Војвода Васил Аџиларски“, „Димитрија Чуповски“ и „Македонија“, Плоштад Македонија и Камени Мост, во кој реон спаѓа и кејот на Вардар.

Жерновски денеска информира дека со советниците од нивната коалиција ја донеле одлуката за забрана откако минатата недела Советот на Град Скопје одлучи на кејот да се гради транспортна улица.

– Ваквата улица целосно би го уништила кејот, би го ограничила движењето на граѓаните и со нејзино градење би изгубиле еден јавен простор. Со ваквата улица трајно би се сменил изгледот и фунционалноста на Градскиот трговски центар и би го изгубиле едно од најубавите шеталишта во Скопје, рече на прес-конференција Жерновски.

Побара градоначалникот на Скопје Коце Трајановски да се откаже од идејата за изградба на улица и предложи да се отвори јавна дебата за заеднички да се најде прифатливо решение за сите.

Од Град Скопје пак реагираат на изјавата на Жерновски, тврдејќи дека не ја кажувал вистината и со невистини се обидувал да добие ефтини полтички поени. Тие велат дека планирале изградба на пристапна улица што ќе се гради на кејот „13 Ноември“, на потегот од улицата Филип Втори Македонски до објектот на Телеком и истата ќе била со посебен режим.

„Се работи за пристапна улица, која нема да биде сообраќајна и истата ќе биде уредена од плочки, а не од асвалт или слично на улицата Никола Вапцаров и за истата ќе важи посебен режим за движење на моторните возила, поточно истата ќе биде достапна само за службените возила на Телеком, за достава на роба до околните угостителски објекти, како и за пристап на противпожарните возила и возилата на брза помош, кој и сега се движат по истиот простор“, посочуваат во соопштението до медиумите од Град Скопје.