Tuesday, Apr 23, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРЖелезничката зграда во Скопје на чекор до обновување

Железничката зграда во Скопје на чекор до обновување

На настанот „Активно кино на заедницата“ кој се одржа во сабота, 23. Јуни со почеток во 11 часот во кино салата на Железничката зграда во Скопје, се одржа дискусија на тема „План за употреба на железничката зграда“, на која присуствуваше градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, младите архитекти- креатори на идејни решенија за обновување на просторот кои учествуваа на студентскиот конкурс, станарите на Железничката зграда, како и иницијаторите на проектот од неколку партнерски граѓански организации.

DSCF8984

На дискусијата се заклучи дека волја за отпочнување со реновирање на просторот има од страна на сите чинители, како и предвиден буџет од страна на Општината, а со цел што поскоро да се видат резултати од сите идеи потребно е да се креира работна група која понатаму ќе ја реализира целата постапка на заживување на овој архитектонски уникатен и вреден простор на Железничката зграда.

Овој настан е во склоп на проектот „Културни простори за активни граѓани“, кој веќе подолго време мапира простори од културно и историско значење на територијата на Македонија, во обид да се издејствува нивно обновување и повторно заживување во служба на културата и уметноста. Овој проект е подржан од програмата Цивика Мобилитас и во организација на партнерите „Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста“ од Скопје и „Факултет за работи што не се учат“ од Битола/ Скопје, кои во текот на 2017 и 2018 година, во соработка со станарите и куќниот совет на зградата, активно работеа на темата “Употреба на киното на Железничка зграда”.

DSCF9007

Саша Богдановиќ, градоначалникот на Општина Центар вели дека во програмата на Општина Центар веќе се предвидени средства за обнова на Железничката зграда, останува уште идејните решенија на архитектите да се достават како проект до општината и сите различни чинители активно да се вклучат во континуирана комуникација и соработка, а посебно станарите чија согласност е клучна со цел да се реализира било кој предлог за реновирање и интервенција на објектот.

-Ќе ни биде потребна проактивна соработка од сите засегнати страни за да се реализира овој проект  Посебно од граѓаните на Железничката зграда. Ние како Општина имаме одредени правни рамки кои мораме да ги испочитуваме, а за тоа ни е потребна соработка од сите. Во нашите програми и во буџетот  веќе е предвидено да се направи интервенција на фасадата или било кој простор во зградата но, мора да имаме согласност од сите станари за да биде целосна документацијата. Исто така треба да се аплицира со проект до Општината, за да се дојде до решение како ќе изгледа сето тоа и што треба да се прави, а тоа зависи од сите кои се вклучени во тој процес. Ние веќе имаме проекти во кои што се вклучени други институции, здруженија и граѓани и на нив оставаме самите да одлучат како сакаат да изгледа нивното катче, или објект. Ние како Општина можеме да понудиме само логистичка поддршка и да ги обезбедиме средствата за тоа да се случи –  вели Богдановиќ.

Градоначалникот на Општина Центар исто така додаде дека е неопходно од дискусијата да произлезе работна група во која покрај тимот на општината ќе учествуваат и архитекти,  станари на зградата и сите вклучени чинители во проектот, кои ќе ги продолжат чекорите до крајна реализација.

-Ние како општина сакаме тоа што сме го ветиле да го реализираме, од дворот кој што е првично конципиран за дружење и собирање на луѓето, обновата на фасадата, крововите, и начинот на кој што сето тоа би било организирано. Токму затоа ќе треба интензивна секојдневна комуникација помеѓу сите чинители за да се релизира ова- вели Богдановиќ.

Виолета Качакова, од Локомотива, центарот за нови иницијативи во културата, вели дека овој проект е поширок, и опфаќа повеќе локации на територијата на Македонија.

-Постои дијалог и соработка со градската власт, еден од просторите кој што веќе функционира во соработка со Општина Центар е Кино Култура. Вториот простор во Скопје, е ова Кино, за кое веќе се залагаме заедно со станарите на зградата да се обнови и заживее. Останатите два простори се К.У.Ц Текстил во Штип и Офицерскиот дом во Битола. Мислам дека постои дијалог и интерес за соработка, прашањето е кои се можностите и правните и финансиските препреки, меѓутоа ние сме овде да се залагаме за тоа да успее и без разлика колку ќе трае тој процес – ќе се трудиме да вроди со некаков резултат – изјави Качакова, партнерка во проектот.

На настанот беа изложени и образложени предлог-проектите на младите архитекти кои се пријавија на студентскиот конкурс за идејно решение за нов внатрешен просторен концепт (dream space) на постоечкото кино во Железничка зграда во центарот на Скопје. Сертификатите и наградите на трите најдобри решенија на конкурсот ги доделија членовите на жири-комисијата, архитектите Дејан Ивановски  и Максим Наумовски и ликовната уметница Слободанка Стевческа.

На конкурсот пристигнаа 6 проектно–идејни решенија поднесени од шест соработнички тимови на студенти и млади професионалци – архитекти и ликовни уметници.Првата награда од 15.000 денари ја добија Ирена Милојеска и Христина Секулоска, а наместо втора и трета награда беа доделени две втори награди од по 7.500 денари, едната за тимот автори Миа Шириќ  и Михајло Стојановски, и другата за Љавдрим Реџепи и Енес Север. Посебно признание и книга Комисијата додели на проектот од авторите: Симона Чинговска, Милица Савевска и Томе Димитриевски, а пофалници за учество добија и авторките  Тамара Чорбиќ и Моника Танушевска.  Сите учесници на конкурсот добија Сертификат за учество.

Студентите по архитектура кои ги изложија и презентираа своите идејни решенија во склоп на настанот, ја изразија волјата и да одат до крај со нивна реализација, бидејќи на Железничка зграда гледаат како на едно исклучително значајно архитектонско богатство и инспиративен простор за работа, во кој и покрај интервенцијата, сепак треба и да се задржи автентичноста и првичната естетика.

Студентките кои го добија првото место за решение на просторот на Кино салата, Ирена Милојеска и Христина Секуловска, велат дека тргнале со идеја да направат реално решение, изводливо и со мал буџет. Тие изразија волја детално да ја доразвијат идеата и со тоа решение да аплицираат во Општината, па дури и самите да го реализираат. Нивното решение предвидува иинтервенција во просторот која остава можност даму да се соберат и да кохабитираат најразлични групи на граѓани, од сите возрасти, па дури и надворешни посетители, без притоа да се наметне специфична функција на просторот туку само да се понуди рамка во која можат да се реализираат најразлични активности и да се искористи вертикалниот простор на салата.

 

Архитектот Максим Нумовски, член на жири комисијата која ги оценуваше студентските трудови, истакна дека еден од клучните критериуми по кои ги оценувале пристигнатите трудови, било решението како да се обнови првичниот колективистички карактер на просторот наменет за станарите, како и можноста да се вметне надворешна програма, но притоа да не се одземе и наруши просторот на станарите.

Ликовната уметница Слободанка Стевческа, која исто така беше дел од жири комисијата, му порача на градоначалникот Богдановиќ и испрати апел до сите институции да се поддржуваат што почесто ваквите помали, децентрализирани културни иницијативи, поради нивната моќ за оплеменување и еманципација, а посебно поради тоа што нашето општество имало можност да ги посведочи штетните последици од занемарувањето на уметноста и културата во последната деценија.

Архитектот Дејан Ивановски пак, потсети дека ваквиот модел на колективно домување, по примерот на Корбизје е бисер на нашата архитектура кој треба да се негува и да служи за пример на следните генерации млади архитекти.

Заблагодарувајќи им се од име на сите партнери на проектот на учесниците на конкурсот и на комисијата, Филип Јовановски, од ФРУ истакна дека транспарентноста и стручноста на целиит процес треба да послужи како пример за вакви конкурси:

-Она што е многу важно да се спомне е тоа што успешно истуркавме еден транспарентен конкурс, каде што на отворен начин кон учесниците и кон целиот процес на одлучување сè се одвиваше на едно многу стручно и високо ниво. Тоа е навистина за поздрав. Сметам дека почесто треба да случуваат такви транспарентни процеси со кои што ќе се бориме и залагаме за јавниот интерес – рече Јовановски.

На отворената дискусија присутни беа и дел од станарите на Железничката зграда, едни од нејзините напрви и најстари жители кои се сеќаваат на времето кога тој простор за домување фунцкионирал во полн сјај. Тие апелираа да не се изостава реновирањето на целиот простор, бидејќи не е проблем само запуштената состојба на кино салата, туку и на целиот објект кој е во ужасна и истрошена состојба.

Во октомври минатата година, во просторот на Железничка зграда се одржа и дел од програмата на 12 Издание на фестивалот за современи уметности Pop Up АКТО, во организација на ФРУ. Програмата беше своевидна интерактивна приказна за историјата на зградата, преку која публиката активно се воведува во перформансот. Во кино салата пред бројната публика настапи бендот Фолтин. Општото задоволство од настанот покажа дека зградата има потенцијал да биде ставена на мапата на простори за културни настани во Скопје.

Проектот „Културни простори за активни граѓани“, се реализира во партнерство помеѓу Локомотива и Факултет за Работи што не се Учат и во соработка со Друштвото за театарски и едукативни работи „Театар на Навигаторот Цветко“ (Скопје) и здруженијата на граѓани Плоштад Слобода (Скопје) и Гласен Текстилец (Штип).

Цивика Мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска.

Преку партнерот на проектот Факултет за работи што се учат – Битола/Скопје, оваа активност е дел од Неделата на граѓански организации поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество – серија од настани кои ја промовираат работата на граѓанските организации пред пошироката јавност, организирани во периодот од 18-23 јуни 2018 низ Република Македонија.

Реализацијата на јавниот настан е поддржана и од Фридрих Еберт Фондација Скопје.