Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаЗголемувањето на акцизата нема да има голем директен ефект врз инфлацијата, тврди Богов

Зголемувањето на акцизата нема да има голем директен ефект врз инфлацијата, тврди Богов

Гувернерот на Народна банка, Димитар Богов, смета дека зголемувањето на акцизата на нафтата нема да има голем директен ефект врз инфлацијата следната година, пренесува „Мета“.

Прашан за денешната одлука на Министерство за финансии за зголемување на акцизата на нафтата и на нафтените деривати за 3,54 денари, Богов рече дека направиле некои брзи проценки кои покажуваат дека директниот ефект нема да биде голем, а за индиректниот не можат да проценат во овие моменти.

– Сепак, остануваме на проекцијата од околу 2 проценти инфлација во 2018 година и нема да има некое позначително нарушување – додаде Богов.

Народна банка предвидува економскиот пораст за оваа година од 0,5 проценти, што е надолна проекција споредено со таа од април оваа година, кога се предвидуваше пораст од 2,5 отсто.

Гувернерот Димитар Богов објасни дека ова се должи на негативните резултати од првиот квартал, но и на продолжување на трендот заклучно со третиот квартал, односно на падот на индустриското производство и на градежништвото.

Тој очекува дека четвртиот квартал ќе биде со подобри економски показатели и ќе извлече пораст на економијата од 0,5 проценти.

– За следната година се очекува стабилен амбиент и исцрпени ефекти од домашната политичка криза. Се очекува подобрување на надворешното опкружување, што ќе се услови зголемување на извозот, забрзување на инвестициите во инфраструктурата и зголемување на странските инвестиции, како и зголемена доверба на домашните субјекти – рече Богов.

Тој предвидува дека со зголемувањето на довербата кај домашните субјекти, ќе се зголеми и личната потрошувачка.

– Стабилниот домашен амбиент покажува потенцијал за солиден економски пораст, стабилни цени и солиден депозитен и кредитен пораст – додаде Богов.