HomeДЕНЕШНАРепубликаЗголемен бројот на предвремено родени бебиња

Зголемен бројот на предвремено родени бебиња

bebe1

Од минатата година досега за три проценти е зголемен трендот на предвремено родени бебиња. Меѓу причините за предвременото породување се возраста на мајката, ако таа е на вештачки начин оплодена, нередовното следење на бременоста, инфекции, висок притисок, шеќер и ако бебето има аномалии.

Ова денеска го истакна директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова на одбележувањето на 17 ноември, Светскиот ден на прематуритет (предвремено породување). Посочи дека на Клиниката во моментов има 13 предвремено родени деца.

– Нивниот број станува се поголем, меѓутоа 26 гестациска недела не е енигма за нас, кога ќе се роди едно дете што значи тој стрес за самата фамилија и за нас како лекари и обврската која ја имаме за да ги спасиме овие животи, рече Софијанова и додаде дека најмалото предвремено родено бебе било родено во 25 гестациска недела, а тоа што најмалку тежело имало 600 грама.

Одделот на неонатална интензивна нега на Клиниката за детски болести, нагласи, сега е во последната фаза од своето реновирање. Таа истакна дека месецов ќе биде отворен и новиот оддел за интензивна нега на Клиниката, кој е направен и реконструиран од страна на Турската интернационална компанија Тика, а опремата која ја добиле е од Министерството за здравство.

– Сето она за кое ние се изборивме преку донации ќе биде сместено на одделот и ќе биде навистина авангарден оддел. Ова е денот на Лана, Туана, Матеа, Виктор и многу дечиња кои поминале низ одделот и на сите бебиња родени предвреме, рече Софијанова.

Ја истакна потребата од заедничката работа на гинеколозите, педијатрите, неонатолозите и родителите.

– Ова е ден на нашите вистински херои. Да се работи на Одделот за неонатална интензивна нега на Клиниката за детски болести значи секојдневно да се борите и да се изборите за животот на најтешко болните бебиња, а тоа во голем број случаи се предвремено родените деца кои кај нас доаѓаат од целата држава со само неколку стотини грама и со огромна желба за живот, потенцира Софијанова.

Додаде дека благодарение на новите методи кои ги воведуваат, колешките нејзини и целиот тим кој работи од сестри и сите заедно здравствени работници и соработници, успеваат во поголем број случаи да се изборат за животот на предвремено родените бебиња, тие да бидат среќни и насмеани.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com