Tuesday, Apr 16, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРМедиумиЗгасна „Танјуг“ по 72 години постоење

Згасна „Танјуг“ по 72 години постоење

Југословенската новинска агенција Танјуг и официјално престана да постои на 31 октомври кога е избришана од регистарот на Агенцијата за стопански регистри.

Вработените ќе добијат испратнина и октомвриските плати, пишуваат белградските медиуми. „Официјално не сме информирани, но неофицијално добивме известување дека агенцијата Танјуг официјално престана да постои и дека на вработените ќе им биде исплатена октомвриската плата, како и дека сите вработени ќе добијат испратнина според законот.

Висината на испратнина се уште не е дефинирана, бидејќи има различни решенија и сето тоа мора да се усогласи“, изјави за весникот „Данас“ претседателот на синдикатот на Тајнуг, Марко Драгиќ и додаде дека околу 180 вработени ќе бидат упатени на бирото за вработување.

Весникот„Блиц“ пишува дека владата донесе одредба за гаснење на агенцијата Танјуг, врз основа на која вработените ќе ги добијат сите плати, а имотот на Танјуг ќе премине во Дирекцијата за имот. На 1 ноември истече рокот за приватизација на 73 медиуми, а 36 добија нови сопственици.
tanjug1Останатите медиуми, за кои немаше заинтересирани, би требале во рок од еден месец да понудат бесплатни акции за вработените. Ако тие ги одбијат понудените акции, како што наложува законот, тој медиум се гасне. Здружението на новинари на Србија (УНС) соопшти дека се запрепастени што не им било овозможено на вработените во агенцијата Тајнуг, како и на другите вработени во медиумите, да го остварат правото на пренос на капитал без надомест.

Според толкувањето кое УНС неофицијално го доби од владата, со престанокот на важење на Законот за новинската агенција Танјуг, на полноќ на 31 октомври 2015 година, формално-правно престанува да постои националната новинска агенција, па и сите права на пренос на капитал без надомест на што дотогаш имаа право вработените.

Тајнуг беше основан на 5 ноември 1943 година од страна на Комунистичката партија на Југославија во Јајце, во Босна и Херцеговина, со намера пропагандно да информира за борбата на партизаните во Втората светска војна, која ја водеа комунистите под водство на Јосип Броз-Тито. Основач и „кум“ на Танјуг бил Моша Пијаде, а прв директор Владислав Рибникар.

По распадот на СФРЈ, од 1992 година Танјуг беше новинска агенција на Сојузна Република Југославија, од 2003 година новинска агенција на Државната заедница Србија и Црна Гора, а од 2006 година национална новинска агенција на Република Србија. Со уредба на владата на Србија и со престанок на важење на „Законот за Танјуг“, Танјуг на 3 ноември 2015 година престана да работи, кога е и избришан од Агенцијата за стопански регистри на Република Србија.

Танјуг бил меѓу првите медиуми во регионот кој имал комплетно компјутеризирана редакција уште во 1985 година, а во еден период од постоењето, агенцијата имала дописници во над 80 земји од светот.

(Утрински весник/Бета/Блиц/Данас)