Friday, Apr 19, 2024
HomeИздвојувамеЗеми го тоа што ти припаѓа – Рецензија за True Detective S02E03

Земи го тоа што ти припаѓа – Рецензија за True Detective S02E03

Втората сезона на True Detective беше на работ да го изведе најголемиот шок за гледачите и тоа во самиот крај на втората епизода кога животот на еден од водечките ликови беше доведен во прашање, но најновата епизода не отиде премногу далеки во стилот на Game of Thrones каде ликовите умираат по правило. Не би сакал да ви откријам за кој лик станува збор бидејќи најдобро е сами да видите каде ќе ве однесе расплетот кој станува се поинтересен. Со третата епизода почнува вистинската мистерија кој е „Убиецот со глава на гавран“ кои се неговите мотиви, бидејќи ако судиме според методите станува збор за пресметлив одметник кој е насочен кон корумпираните и морално расипаните луѓе во Калифорнија.

ray dad

Кога се ќе изгубиш дали ќе се бориш

Реј Велкоро како што претпоставував и во претходните рецензии ќе ја има улогата на омразен лик кој постепено ќе се трансформира во херој, добивајќи последна и клучна шанса да се извади за сите грешки и гревови. Повторно добиваме одлични перформанси од Колин Фарел кој го привлекува вниманието на гледачите, а неговиот лик со најновата опасност станува свесен дека не може вечно да слугува на корумпираните политичари, полицијаци и бизнисмени, во моменти кога го губи семејството и нема повеќе за што да живее. Сцените со Рејчел Мекадамс оваа епизода беа одлични и интеракцијата меѓу двајцата детективи станува се поинтригантна кога се разгорува играта на мачка и глушец.

ray velcoro3

Морално силната Безерајдс пред првата дилема

Ени Безерајдс ќе има тешка задача да ја води истрагата во овој суров свет на True Detective, не само затоа што станува свесна за улогата која и е доверена како женски детектив од јавниот обвинител со „двојна“ улога, туку и ранлива од опасностите кои демнат од силната корумпирана империја. Сцената во куќата на Чесани градоначалникот на Винчи е една од најзабавните оваа сезона, покажувајќи дека серијата не мора постојано да биде мртва сериозна, нудејќи одличен хумор со пародија на моќните луѓе кои мислат дека парите може да купат се. Безерајдс имаше одлична сцена со нејзиниот поранешен љубовник со чиј бес по одбивањето лесно се справи, додавајќи само на нејзината силна улога.

eni pol2

Сомнежите за Пол Вудру полека се остваруваат

Полека добиваме и повеќе детали за минатото на Пол Вудру со неговото искуство во војната како платеник, но не се само трагите од борбите кои го одредуваат неговиот карактер, туку и конфликтот со неговата сексуална определба. Тејлор Кич беше одличен во две секвенци оваа епизада, првата во која е потсетен на минатото од неговиот соборец и очигледно љубовник во текот на војната за која се уште немаме точни информации во какви околности се одвивала. Во втората сцена Вудру опасно се доближува во светот кој сака да одбегне, а тоа е прималивоста на опкружувањето со машки проститутки од кои мора да извлече информации за истрагата. Маската која ја носи Вудру полека се разоткрива и неговата работа во полицијата може да биде загрозена со уцена.

kitsch_luna

Улиците ќе се тресат

Најдобриот дел намерно го оставиме за крај, а тоа е ерупцијата на насилство на Френк Семјон за кој се знаеше дека набрзо ќе избувне гледајќи како неговата бизнис империја, но и углед на улицата полека се рушат. Семјон се уште не може да претпостави кој сака да го уништи, почнувајќи од убиството на неговиот бизнис партнер и градски менаџер Каспер. Пресметката се сели и во подземјето каде Семјон мора да се врати и да покаже дека се уште е подготвен на се за да го задржи тоа што природно му следува. Сите настани од оваа епизода ветуваат многу подобар фокус на самата мистерија околу „Убиецот со глава на гавран“, дали тој работи сам или е изнајмен од некоја секта која има своја смисла за правда. Ликовите се повеќе се изложени пред гледачите и полека може да ги следиме во нивните следни чекори, па затоа наредната епизода сигурно ќе има уште пошокантни расплети, затоа не пропуштајте и продолжете да не читате секоја недела.

semjon3

Автор
Христијан Станоевиќ