Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЗаврши пребројувањето на штркови – во Македонија има 817

Заврши пребројувањето на штркови – во Македонија има 817

Македонското еколошко друштво го заврши пописот на штркови. Во Македонија има точно 817 гнезда на штркови и во нив има 2.023 млади и 1.638 возрасни штркови, покажа пописот кој се спроведуваше на целата територија на Македонија изминативе месеци.

Пописот се состоел во броење гнезда и младите во нив. Во оваа голема акција биле вклучени волонтери и локално население од повеќе од 1.000 села во Македонија. Последен пат штрковите во Македонија биле пребројани пред 57 години од страна на научникот Р. Јоветич. Тогаш во Македонија имало вкупно 1.132 активни гнезда (315 гнезда повеќе од 2015 год.), во нив имало вкупно 3.576 млади (1.552 млади повеќе од 2015 год.) и за разлика од сега, кога најголем број од гнездата се на електрични столбови или слични конструкции, во 1958 година најголем број од гнездата биле на куќи.

Распространетоста и бројноста на штрковите ни го подобрува разбирањето за тоа како можеме да ја зачуваме животна средина и нашите омилени предвесници на пролетта. Овие птици се ширoко прифатени како симбол на зачувана природа и нивното присуство во наша близина гарантира дека живееме во здрава средина.

Штрковите во Македонија се сметаат за богатство и тие се чест симбол во многу легенди и преданија. Интересно е и што Чешиново – Oблешево беше европско село на штрковите за 2013 година, а Европската унија го вклучи меѓу 12 најдобри села на штркови.

Состојбата со штрковите се следи низ цела Европа. Минатата и оваа година низ цела Европа е спроведен Седмиот меѓународен цензус на штркови во којшто ќе бидат вброени и резултатите од Македонија.