Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаконот за јазиците повторно пред пратениците

Законот за јазиците повторно пред пратениците

Собранието денеска ќе ја продолжи 15. седница на која на дневен ред е законот за употреба на јазициите. Предлог-законот е со европско знаменце, односно треба да биде донесен по скратена постапка.

Расправата по оваа точка на претходните продолженија на седницата се одвиваше во тензична атмосфера, бидејќи пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека законот е неуставен, дека е резулатат на политички договор на владејачката коалиција и дека нема аргументи за законот да е обележан со европско знаменце.

Ставот на опозицијата вчера го повтори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во емисијата „200“ на „Алсат-М“, кој рече дека откако законот ќе биде донесен, може да падне на Уставениот суд, што, како што додаде, не е чесно кон Албанците, чија поддршка преку законот СДСМ се обидува да ја добие на локалните избори.

– ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против употребата на јазиците на сите етнички заедници во Македонија, вклучувајќи ја и албанската, впрочем во 2008 година се донесе Законот за употреба на јазиците и се донесе во време кога ВМРО-ДПМНЕ ја водеше владата. Но, она што ние се залагаме да не се случи е да не се донесе закон што ќе биде противуставен и кој подоцна може да падне на Уставниот суд… Тоа е нечесно и не е фер кон Албанците, тоа е некоректно – вели Груевски.

Тој додаде дека доколку во „втората фаза“ се понуди решение кое е уставно, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи таквиот закон за употреба на јазиците.

Од владејачкиот СДСМ, пак, велат дека предложениот закон за употреба на јазиците не е противуставен, туку е во согласност со членот 5 од Уставот на Република Македонија и ја унапредува употребата на сите јазици на немнозинските заедници и отвора шанса за изградба на едно општество за сите.