Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаконот за јазиците оди на комисиска расправа

Законот за јазиците оди на комисиска расправа

На денешното продолжение на 15-тата седница, пратениците, со 66 гласа „за“ и 41 „против“, го пуштија предлог-законот за употреба на јазиците на второ читање во надлежните комисии.

Кога почна гласањето од пратеничките клупи на ВМРО-ДПМНЕ се слушаа извици „против, против“.

Пред гласањето координаторот на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски се обрати процедурално и кажа дека со овој закон не се затвора проблемот со употребата на албанскиот јазик, како што според него, рекле и колегите од ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците.

– Со ова се злоупотребија деловникот и ЕУ-знаменцето. Овој предлог-закон не е во рамките на Уставот и на Охридскиот рамковен договор. Со него државните институции нема да бидат поефикасни и поекономични, туку потроми. Овој закон не ја прави Македонија онаква каква што ја оставиле нашите предци, како мултинационално општество, туку ја прави бинационална држава – рече Димовски.

Откако се гласаше, Димовски побара пауза од половина часа и транскрпти од седницата. Џафери го прифати барањето.

Во расправата во неколкуте продолженија на 15-тата седница, пратениците од опозицијата обвинуваа дека законот е против Уставот и начелото за унитарност на државата, а пратениците од владејачката коалиција тврдеа тој овозможува остварување на човековото право за користење на мајчиниот јазик.

И пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и таа на СДСМ рекоа дека ќе поднесат амандмани за законот, кои ќе се разгледуваат во матичната комисија.