Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаконот за јазиците денеска пред пратениците

Законот за јазиците денеска пред пратениците

По подолга пауза поради локалните избори, денеска во Собранието ќе се врати расправата за законот за употреба на јазиците. Законот е точка на дневен ред на 15-тата седница, која беше прекината пред почетокот на кампањата за локалните избори.

Со предлог-законот за употреба на јазиците, се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, (албански јазик).

Во расправата по првото читање на законот за збор беа пријавени шеесетина пратеници.

На дневен ред на Собранието е и законот за употреба на македонскиот јазик, како и законот за ваучери за набавка на информатичка опрема за студенти.

На крајот на листата на точките за дневниот ред се и интерпелациите за министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, и интерпелацијата за министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку.