Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗагриженост кај странските институции, молк кај домашните за случајот Макпетрол

Загриженост кај странските институции, молк кај домашните за случајот Макпетрол

И по писмото од Европската енергетска заедница, во кое се бара од македонските власти да ги испитаат сомнежите околу компаниите и бизнисмените што се обидуваат да го преземат Макпетрол, ниту една од надлежните институции во земјава не се одважи да реагира.

По информациите во јавноста за сомнителното минато на инвеститорите од анонимната компанија „Балкан Петролеум“, се засилија стравувањата дека црниот капитал, испран низ карипските и кипарските офшор-шеми, на голема врата се подготвува да влезе во македонското стопанство. Но, и покрај сериозните наводи за корупција и перење пари во биографиите на руско-израелските бизнисмени, институциите, чија задача е да ја заштитат македонската економија од ваквите елементи, и натаму се само неми набљудувачи.

Од друга страна, единствената официјална реакција на овој случај досега, дојде од странство. Европската енергетска заедница, организација чија цел е проширување на единствениот европски пазар во Југоисточна Европа, се заинтересира и побара од домашните институции одговори на отворените прашања во врска со обидот за преземање на Макпетрол.

Македонија е земја-потписничка на договорот за пристапување кон ЕЕЗ од 2006 година, а со тоа државата презела низа одговорности и обврски кои одат во склад со европските енергетски прописи.

Токму затоа, писмото до македонските власти се толкува како загриженост дека е можно прекршување на дел од овие обврски. Втората важна порака од писмото на ЕЕЗ, според познавачите на состојбите, е дека Европа е многу заинтересирана за случајот со Макпетрол, кој може да го поремети не само македонскиот, туку и регионалниот нафтен пазар.

Извор: plusinfo.mk