Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЗагадување на воздухот и КОВИД-19: Кои се причинско-последичните врски?

Загадување на воздухот и КОВИД-19: Кои се причинско-последичните врски?

Со години Западен Балкан е еден од најпогодените регионите во Европа од загадувањето на воздухот. Градовите во овој регион честопати се на врвот на листите со најзагадените градови во светот. Кога на ова ќе се додаде пандемијата КОВИД-19, која во голема мерка ја одбележа 2020 година и сè уште трае, се добива дополнително зголемување на респираторните заболувања и повисоки стапки на смртност.

Несреќата никогаш не доаѓа сама – ова е добро позната изрека на Западен Балкан. Таа и така веќе беше присутна, но 2020-та ја дополни, кога сиромашните, зафатени со загадување на воздухот општества беа дополнително погодени од пандемијата КОВИД-19.

Главната причина за загадувањето на воздухот на Западен Балкан се честичките (ПМ), кои има штетно влијание врз истите клетки и клеточни компоненти во човечкиот организам како и коронавирусот. Од таа причина, лицата кои се изложени на загадување на воздухот на дневна основа имаат послаб имунолошки систем, па оттука реакцијата на организмот на присуството на коронавирус е понестабилна, што придонесува за развој на потешки форми на КОВИД-19, вклучително и почести смртоносни последици.

Долготрајната изложеност на штетни супстанци што се пренесуваат во воздухот го зголемува ризикот од акутни и хронични болести, посебно оние супстанци кои влијаат врз респираторниот систем. Како резултат на неговата нарушена функција, станува се повеќе склони кон влијание на вирусни инфекции, вклучувајќи ја и онаа предизвикана од коронавирусот (САРС-CoV-2).

Загадување на воздухот и КОВИД-19: Кои се последичните врски?

На самиот почеток на пандемијата, се појавија истражувања и студии кои го поврзуваат зголемениот број на инфекции со КОВИД-19 и смртни случаи во региони со загаден воздух.

Пред да ги презентираме индивидуалните резултати од истражувањето, треба да се напомене дека корелацијата помеѓу загадувањето на воздухот и бројот на инфицирани со КОВИД-19 се очекува, со оглед на тоа дека аерозагадувањето најчесто е во директна корелација со голема густина на населението, па оттука и со поголем број смртни случаи. Јасен заклучок за тоа дали аерозагадувањето придонесува за ризик од смрт од КОВИД-19 бара долгорочни епидемиолошки студии и разгледување на бројни фактори. Таквите научни трудови сè уште се подготвуваат и не можеме со апсолутна сигурност да утврдиме дали постои каузална врска помеѓу загадувањето на воздухот и КОВИД-19.

Истражувањата од Кина, Англија, САД, Германија, Холандија и Италија покажаа дека зголеменото загадување на воздухот може да предизвика зголемување на бројот на инфекции, како и повисоки стапки на смртност од КОВИД-19. Истражувањата во Германија покажуваат дека зголемувањето на ПМ10 исто така ја зголемува смртноста кај пациенти со КОВИД-19 на возраст над 80 години, за 30% кај мажи и 35% кај жени.

Кога се споредуваат овие податоци, може да се заклучи дека аерозагадувањето ги зголемува стапките на смртност од КОВИД-19, за 15% на глобално ниво и за 19% во Европа. Како што претходно беше наведено, главната причина за загадувањето на воздухот се ПМ честичките, а зголемувањето на нивната концентрација за 1 mg/m3 ја зголемува смртноста на КОВИД-19 за 11%.

За жал, кога станува збор за регионот на Западен Балкан, сè уште нема релевантни студии и истражувања, што не спречува да понудиме конкретни податоци. Многу е веројатно овие податоци да не се разликуваат во однос на овој регион, дури може да се претпостави дека би биле полоши. Дури и без влијание на КОВИД-19, загадувањето на воздухот во регионот предизвикува до 13.500 предвремени смртни случаи секоја година; досега, 693.902 лица се заразиле со КОВИД-19, а 13.423 починале како резултат на тоа.

Како да се подобри епидемиолошката состојба и да се дојде до почист воздух на Западен Балкан?

Бројот на докази и научни студии за врската помеѓу загадувањето на воздухот и КОВИД-19 расте секојдневно. Сепак, како што наведовме, треба да се земат предвид ограничувањата на овие студии. За да се реагира правилно, неопходно е да се донесат одлуки засновани на валидни информации. Затоа, изготвувањето на барем една, па дури и повеќе студии е потребно, со анализа на корелацијата помеѓу загадувањето на воздухот и КОВИД-19 во регионот на Западен Балкан. Ваквите анализи мора да бидат испланирани и извршени прецизно, за да можат да дадат соодветни заклучоци и препораки за мерките што треба да се преземат.

Кога се препорачуваат мерки, мора да се земе предвид и состојбата на здравствените системи на земјите од Западен Балкан. Пандемијата ги обелодени последиците од недостаток на болнички кревети, тренд на миграција на лекари и медицински персонал, недоволна медицинск опрема, како и општ недостаток на инвестиции во здравствениот сектор. Во време кога тие се погодени од пандемијата КОВИД-19, притисокот врз кревките здравствени системи често ги надминува она што може да поддржат. Оттука, потребно е да се зголеми учеството на претставниците на здравствениот сектор во процесите на донесување одлуки, за да се обезбеди навремена интеграција на мерките за здравствена заштита во политиките насочени кон заштита на животната средина.

Владите на Западен Балкан мора да реагираат и да ја подобрат ефикасноста во спроведувањето на законите и одлуките од областа на заштитата на животната средина, со цел да добијат поголеми здравствени и економски придобивки за сите граѓани. Само термоцентралите со јаглен на Западен Балкан предизвикуваат економски штети во форма на здравствени трошоци од 1,9 до 3,6 милијарди евра, трошоци што се плаќаат од граѓаните на регионот секоја година.

Конечно, треба да се нагласи дека КОВИД-19 наскоро ќе биде минато, но загадувањето на воздухот не смее да остане старо „нормално“. Навремената реакција подразбира дека мерките за подобрување на квалитетот на воздухот се воведуваат во јавните политики и плановите за справување со КОВИД-19, во согласност со заложбите содржани во Зелената агенда за Западен Балкан, прифатена од сите држави.

Кога ќе видиме, навистина на Западен Балкан несреќата никогаш не доаѓа сама – затоа мора да водиме солидарна битка на повеќе фронтови, за да ја победиме оваа несреќа. Од таа причина, важно е да се развијат регионални мултисекторски политики кои вклучуваат подобрување на животната средина и јавното здравје, имајќи предвид дека овој вид на проблем бара заедничко, регионално решение.