Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев: Тоа што го прави Груевски на теренот е аларм дека кризата мора брзо да се реши

Заев: Тоа што го прави Груевски на теренот е аларм дека кризата мора брзо да се реши

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во денешното издание за српскиот весник Данас оценува дека во интерес на стабилноста на државата и на граѓаните потребно е итно да се формира новата Влада, како излез од политичката криза, во којашто ја туркаат земјата Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

-СДСМ отсекогаш била и ќе биде државотворна партија којашто мисли пред се на интресите на граѓаните и на државата. Затоа толку внимателно ги движиме демократските процеси. Знаеме какви несериозни луѓе имаме од спротивната страна. Правиме се што е во наша моќ да обезбедиме промена на власта на мирен начин. Сепак, сакам да кажам дека ова што го прават Груевски и ВМРО-ДПМНЕ на теренот, еве вадат и мали дечиња на улица, од по неколку години, ученици, шират говор на омраза и етничка нетрпеливост – веќе е аларм за сите дека кризата мора брзо да се реши и ќе направам се, да спречам поголеми штети. Низ институциите на системот, согласно Уставот, очекувам брзо да биде избрана новата Влада, вели претседатателот на СДСМ Заев.

Претседателот на СДСМ потсетува на очекувањата на домашната и меѓународната јавност, по демократски формираното парламентарно мнозинство, денеска да се избере нов собраниски претседател, кој ќе отвори пат за доделување на мандатот и состав на новата реформска Влада. На прашањето за пораките од меѓународната заедница, Заев вели:

-Пораките од еврокомесарот Хан и од високата преставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Могерини се јасни – во Македонија е формирано на демократски начин новото парламентарно мнозинство. Институциите, како што е Парламентот и вршителот на должноста претседател на државата, Ѓорге Иванов не смеат да ги кочат демократските процеси. Мора да овозможат да го добијам мандатот за состав на новата Влада, со оглед дека зад мене застанаа со своите потписи 67 пратеници од вкупно 120. Тие 67 пратеници се претставници на околу 700.000 граѓани. Јасна е мнозинската волја на граѓаните изразена на кредибилни избори и сите очекувања се свртени кон брз и мирен трансфер на власта. Секој кој и сака добро на Македонија ќе застане зад овие демократски процеси, а тоа го прават и домашната и меѓународната демократска јавност, порачува меѓу другото претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во интервјуто за српскиот весник Данас.