Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев се всели на „Илинденска“: Од овој момент почнува процесот на реформите

Заев се всели на „Илинденска“: Од овој момент почнува процесот на реформите

Примопредавањето на премиерската функција во Владата на РМ меѓу премиерот Зоран Заев и Емил Димитриев мина во пријателска атмосфера. Премиерот Заев рече дека бил запознаен со сите технички работи. Сепак, според него, состојбата во државата не е сјајна, но не е ниту драматична, пренесува „Макфакс“.

„Уште еднаш ѝ честитам на новата Влада. Господ да ни дава памет на нас, политичарите, мудро да ја водиме, исклучиво тоа да е во интерес во граѓаните и Господ да ни ја чува Македонија“, рече Заев.

„Од овој момент“, вели Заев, „почнува процесот на реформите, кои прво ќе го зафатат правосудството и каде ќе се бара професионалност и стручност“.

Тој вети дека вратите на Владата ќе бидат отворени за граѓаните и за политичарите. Владата треба да биде достапна за сите.

„Ќе дадам насока да се отворат портите“, рече Заев.„Владата треба да биде достапна, таа е Влада на сите, мора да биде отворена“, одговори Заев на новинарско прашање, дали ќе ја тргне оградата која е пред зградата на владата.

Тој, исто така, рече дека мора да се гарантираат безбедноста и иднината за сите граѓани и притоа го осуди нападот врз екс министерот за здравство Никола Тодоров.

Заев со претседателот Иванов констатирале дека е потребна соработка. Функциите да се извршуваат во интерес на граѓаните

„Ќе направиме оваа соработка да биде на највисоко ниво. Јас сум за соработка со сите, верувам дека на Македонија ѝ требаат оптимизам и позитивни пораки“, рече премиерот Заев.

Заев потсети дека денеска се укинува екстерното тестирање преку измена на три законски решенија, што е добро за децата.