Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев – Пацоли: Како две нови влади, имаме потенцијал за исчекор кон НАТО и кон ЕУ

Заев – Пацоли: Како две нови влади, имаме потенцијал за исчекор кон НАТО и кон ЕУ

Владата е определена Македонија да гради добри односи со Република Косово, како и со сите соседи и со тоа активно да придонесе за иднината на целиот регион на Западен Балкан, во Европската Унија и во НАТО, истакнал премиерот Зоран Заев на средбата со шефот на косовската дипломатија, Беџет Пацоли, кој е во еднодневна работна посета на Македонија.

– Имаме потенцијал, како две нови влади коишто мислат добро за своите граѓани и за своите држави, да направиме исчекори во евроинтеграциските процеси – оценил Заев.

На средбата, како што соопштуваат од владината прес-служба, заеднички било констатирано дека Република Македонија и Република Косово немаат отворени билатерални прашања, што отвора големи можности за унапредување на односите помеѓу двете држави.

Било разговарано за конкретни области во кои ќе се интензивира соработката помеѓу Македонија и Косово, како економијата, енергетиката, инфраструктурата, царински олеснувања и поедноставен протек на луѓе и на стока.

Договорено е владите на Македонија и на Косово да ги поттикнат бизнис-заедниците и коморите за поцврста и поактивна соработка, како и почесто да се реализираат средби на високо владино ниво.

Пацоли на средбата истакнал дека Косово ги поддржува НАТО-интеграциите на Македонија што ќе придонесат за зацврстување на безбедноста и ќе влијаат на перспективите за целиот регион, а изразил и отвореност за примена на искуства од Македонија во интеграциите во Европската Унија.

На средбата се разговарало и за можноста за реализација на средба на највисоко премиерско ниво, односно за средба меѓу премиерот Заев и косовскиот премиер Рамуш Харадинај.