Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев: Оставките на ДИК се порака на етичко однесување по реакциите на јавноста

Заев: Оставките на ДИК се порака на етичко однесување по реакциите на јавноста

Премиерот Зоран Заев ги оцени оставките на дел од членовите на Државната изборна комисија (ДИК) како морален чин. Тој рече дека се работи за исклучителни професионалци кои имале сериозна улога во едно сериозно време.

„Го поздравувам чинот на сите, а тоа е враќање на парите назад во Буџетот, а истовремено поднесоа и лична одговорност како морален чекор, веројатно заради критиките од јавноста“, рече Заев на настанот „Корупција – непосредна закана за човековите права“, во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права, по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата и Меѓународниот ден на човековите права, што се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Според него, членовите на ДИК со оставките испратиле порака на етичко однесување што уследи по реакциите од јавноста заради нивната нетранспарентна одлука која ја донеле и заради тоа што не ја известиле јавноста дека ќе го искористат членот 19 за дополнителни надоместоци.

Инаку, на настанот, на кој свое обраќање имаа и амбасадорот на Соединетите американски држави Џес Бејли, и координаторката на мисијата на Обединетите нации во Република Македонија Луиза Витон, беше потпишана и Декларација за борба против корупција.

Декларацијата ја потпишаа премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во име на претседателот на партијата на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари, и претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов.

Потписниците на декларацијата на овој настан, пред македонската јавност, искажаа и јавна обврска дека ќе се застапуваат за нула толеранција за корупцијата, како и за целосно почитување на човековите права.