Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев од Крушево: Ни треба четврт Илинден

Заев од Крушево: Ни треба четврт Илинден

Претседателот на СДСМ Зоран Заев оваа година празникот Илинден го прослави на Мечкин камен од каде ја упати и главната порака на опозицијата кон народот, а насочена против криминалите на власта.

„Веќе со години во Македонија е наметната една лажна привидна поделба на партизани и комити со цел едната партија да се поврзе со наследството на борците од првиот Илинден, а другата со востаниците од вториот Илинден. Не постои таква поделба. Нема поголем доказ од фактот дека партизанските одреди ги носеа имињата на илинденските дејци Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули, Никола Карев. Не постојат два различни идеала, две различни револуции. И во 1903 и за време на Народно ослободителната борба, и во минатото и денес, постоел и постои само еден идеал, слободна Македонија во која достоинствено ќе живеат сите нејзини граѓани. Единствената поделба што е реална денес е на арамии и на ограбени од арамиите. За среќа арамиите се малку и ќе бидат многу брзо поразени. Набргу ќе има и правда и правдина. И право и права. И просперитет и иднина. Идеалите се исти само оружјето е сменето“, изјави Заев.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, заедно со потпретседателот Александар Кирацовски и претседателот на ОО на СДСМ Крушево Трајче Калески, во чест на 2 август – Денот на Републиката оддаде почит и положи свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, првиот претседател на Крушевска република, во споменичкиот комплекс Илинден, познат како Македониум, пред споменикот на Хероите на Слива, пред споменикот на Мечкин камен, како и на гробот на Тоше Проески.