Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев: Новата влада ќе гради граѓанска, унитарна и европска Македонија

Заев: Новата влада ќе гради граѓанска, унитарна и европска Македонија

„Мандатот го добив и очекувам многу наскоро да ја составам новата влада. Како мандатар и иден премиер, се обврзувам дека новата влада ќе гради граѓанска, унитарна и европска Македонија. Сите сили ќе ги насочиме кон тоа да изградиме праведна и правна држава“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во изјава откако го доби мандатот за составување на новата влада од претседателот на државата Ѓорге Иванов.

– Убава симболика имаме денеска. 17 мај пред две години ја испрати пораката од граѓанска Македонија дека независно од политичките, етничките и од какви било други определби и припадности, граѓаните се подготвени заедно да работат на демократските вредности. Имавме надеж и верба дека гласот на обединета, шарена Македонија е гласот на единствена Македонија и денеска ја имаме потврдата за тоа. Демократија не се создава преку ноќ, таа е процес на кој макотрпно се работи. Ве повикувам сите да работиме заедно зашто сме потребни во овој процес, нашата иднина е во прашање. Ќе работам со целото срце, верувајќи во сплотеноста и затоа испраќам порака да ги оставиме разликите, изолацијата, омразата, нетрпението, деструктивните политики што ни ги уништија животите. Новата влада ќе биде влада на сите граѓани. Заедно ќе создадеме правна и правична држава на слободни граѓани – рече Заев.

Тој додаде дека преговорите за составување на новата влада со ДУИ, Алијансата на Албанците и со Беса ќе почнат веднаш и дека ќе се потрудат и за помалку од 10 дена да се формира новата влада.

Заев како одговор на новинарско прашање рече дека не постои проблем и пред новата влада да се изгласа во Собранието, да се променат законите за локалните избори за тие да се одржат на 15 октомври.