Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев не размислува за предвремени избори

Заев не размислува за предвремени избори

Не размислувам за предвремени парламентарни избори бидејќи сè уште се во тек локалните, а наш приоритет е тие да завршат комплетно регуларно и веродостојно, како и во првиот круг оти само тогаш Македонија победува, изјави премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

Заев рече дека на резултатите од изборите гледа како на поддршка за работа, а не за повторни избори.

– Резултатите од локалните избори ми даваат дополнителна храброст за носење одлуки, вклучувајќи го и решавањето на спорот за името. Македонија има сериозни одлуки пред себе и треба да ги носи на еден транспарентен и инклузивен начин, меѓу другото и одлуките за проблемот што Грција ги има со нашето уставно име – рече Заев.

Во врска со спорот за името, тој потсети дека го повикал посредникот во разговорите, Метју Нимиц, уште во ноември, по изборите, да излезе со нови предлози, идеи и со можни решенија.

– Би ја повикал опозицијата да учествува во ова прашање, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување, затоа што навистина сакаме Македонија да стане 30. членка на НАТО и затоа што е значајно за одлуките што ЕУ ќе ги носи напролет. Сите знаеме дека мораме да направиме нешто со овој сензитивен проблем наметнат од грчка страна – рече Заев.

Тој, во овој контекст, додаде дека е охрабрен од подобрувањето на односите со Атина во периодот по формирањето на Владата.

– Градењето на пријателството со Грција што го имавме сите овие месеци наназад дополнително мене лично и другите министри во Владата нè охрабрува за решавање на овој проблем, притоа внимавајќи на нашата поставеност во поглед на наоѓањето решение. Сигурен сум дека по изборите ќе има попрецизни и поконкретни стратегии и правци, но сигурен сум и дека ќе се разговара за решавање на овој проблем – подвлече Заев.